19 април, 2025
ПочетнаКОМПАНИИСтопанска бака АД Битола со одлични резултати за периодот јануари-септември 2024

Стопанска бака АД Битола со одлични резултати за периодот јануари-септември 2024

Стопанска банка а.д. Битола за периодот јануари-септември 2024 година оствари позитивен финансиски резултат, односно добивка во износ од 42,69 милиони денари, што претставува значајно подобро остварување споредено со истиот период од минатата година, кога работеше со загуба од 122,54 милиони денари.

Позитивниот финансиски резултат се должи на задржаниот висок оперативен резултат (од 100,28 милиони денари), засилената активност за наплата на нефункционалното портфолио на Банката, како и на пониското ниво на исправка на вредност на нефункционални пласмани во однос на претходната година.

Нето-приходите од камати бележат зголемување за 11,54 милиони денари, односно 3,44% во однос на остварувањето од минатата година. Приходите од камати се повисоки за 25,34 милиони денари, односно 5,88%, додека расходите за камати бележат годишно зголемување од 13,80 милиони денари, односно 14,35% во услови на засилено штедење на населението во Банката, коeшто започна уште во 2023 година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 77,83 милиони денари и се пониски за 19,24 милиони денари, односно за 19,82% споредено со остварувањето од истиот период од минатата година, што главно се должи на зголемените тарифи на добавувачите на услуги на Банката.

Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 14,66 милиони денари и пониски за 2,93 милиони денари, односно 16,64% споредено со истите од минатата година.

Останатите приходи од дејноста се повисоки за 1,30 милиони денари односно, 6,87% споредено со периодот 1.1.2023-30.9.2023 година поради остварени поголеми капитални добивки од продажба на преземен имот.

Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа во периодот 1.1.2024 – 30.9.2024 година е значително пониска споредено со истиот период од 2023 година, и тоа за 61,61%. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа изнесува -6,56 милиони денари, што во целост произлегува од оштетување за преземениот имот.

Трошоците за вработените бележат намалување од 5,99 милиони денари, односно за 4,06% споредено со претходната година, што главно се должи на раст на продуктивноста на вработените и оптимизација на трошоците. Исто така, активностите за оптимизација на трошоците резултираа и со годишно намалување на останатите расходи од дејноста за 20,13 милиони денари, односно 13,08%, додека амортизацијата е пониска за 7,87 милиони денари односно 15,59%.

Одразувајќи ги движењата на приходни и расходни билансни позиции, Банката во периодот 1.1.2024 – 30.9.2024 година оствари одлични ликвидносни и капитална показатели. Стапката на адекватност на капиталот заклучно со 30.9.2024 година изнесува 26,35%, додека учеството на ликвидната актива во вкупната актива достигна 41,39% и истите се значајно над просечните нивоа регистрирани во банкарскиот сектор. Силната капитализираност и ликвидност на Банката претставуваат главен предуслов за одржување на долгорочна финансиска стабилност и идно успешно работење.

Целосниот финансиски извештај можете да го погледнете тука.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП