21 април, 2025
ПочетнаСВЕТТрамп: Зеленски не требаше да дозволи да започне војната

Трамп: Зеленски не требаше да дозволи да започне војната

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп индиректно го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за она што сега се случува во Украина, велејќи дека никогаш не требало да дозволи да започне војната.

Тој никогаш не требаше да дозволи таа војна да започне, војната е губитник, рече Трамп во подкаст со коментаторот Патрик Бет-Дејвид, додавајќи дека претседателот Џо Бајден „ја поттикнал таа војна“, за која тој постојано тврдеше дека никогаш немало да се случи ако бил во Белата куќа, пренесува Политико.

Трамп покажа дека има пријателски односи со рускиот претседател Владимир Путин и за време на дебатата со потпретседателката Камала Харис минатиот месец, кога рече дека војната мора да заврши, но на двапати прашан, тој директно не одговори дали смета дека Украина треба да победи.

Во книгата објавена во понеделникот, новинарот Боб Вудворд напиша дека Трамп разговарал со Путин дури седум пати од напуштањето на функцијата, што поранешниот претседател ниту го потврди, ниту го демантираше, но рече дека ако го направи тоа, тоа би било добро за САД.

Во подкастот, Трамп им возврати на критичарите кои рекоа дека Русија „го има во џеб“, истакнувајќи дека тој „ја заврши најголемата работа досега“, мислејќи на санкциите што ги одобри за гасоводот Северен тек 2.

Тој подоцна додаде дека има „добри односи и со Путин и со Зеленски“, со кого се сретна минатиот месец за време на Генералното собрание на Обединетите нации, кога вети дека ќе преговара за договор што ќе биде добар за двете страни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП