10 мај, 2025
ПочетнаСВЕТЗеленски го претстави „планот за победа“: Содржи пет точки кои „ќе го...

Зеленски го претстави „планот за победа“: Содржи пет точки кои „ќе го свртат текот на војната во корист на Киев“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата му претстави „план за победа“ на парламентот во земјата, со мерки за кои вели дека ќе го свртат бранот на војната во корист на Киев и најверојатно ќе го завршат конфликтот со Русија најдоцна следната година, додека украинската војска се бори да го запре напредувањето на руските сили кон исток.

Во говорот во Врховна, Зеленски ги повика украинските партнери „да ги отстранат ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел на целата територија на Украина окупирана од Русија, како и на руската територија и на непријателската воена инфраструктура“ и побара помош за опремување на резервни бригади.

Неговиот „план за победа“ од пет точки, во кој тој ја отфрли можноста за отстапување на украинска територија, исто така бара Киев да добие безусловна покана за влез во воената алијанса на НАТО, како и распоредување стратешки ненуклеарен пакет за одвраќање во Украина.

Украинскиот лидер рече дека планот ќе го претстави на 17 октомври на самитот на Европската унија во Брисел, пренесува РСЕ.

Тој не соопшти детали, но додаде дека за планот се разговарало со лидерите на САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија.

„Го поканив претседателот Зеленски на самитот на Европскиот совет во четврток, 17 октомври, за да презентира оценка за најновите случувања во руската војна против Украина и да го претстави неговиот план за победа“, рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на мрежата X.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во средата рече дека ги има деталите за „победничкиот план“ на Зеленски и дека е во контакт со членките на алијансата во врска со можните следни чекори.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Украина треба да се „отрезни“, обвинувајќи го Зеленски дека презентирал „камуфлиран“ американски план. Москва е жестоко против влезот на Украина во НАТО и ја искористи можноста како еден од изговорите за започнување на инвазија во февруари 2022 година.

Киев очекуваше да го добие одговорот на сојузниците на планот за време на состанокот на Рамштајн групата, која вклучува околу 50 украински партнери, но состанокот планиран за минатата недела во Германија беше одложен откако Бајден ја откажа посетата бидејќи САД се мачеа со последиците од ураганот Милтон.

Зеленски претходно рече дека очекува одговор на планот пред претседателските избори во САД – главниот сојузник на Украина и давател на финансиска и воена помош – каде што победата на републиканскиот кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп може да доведе до сомнеж за продолжувањето на поддршка од Вашингтон за Киев.

Украинскиот претседател го откри планот додека Русија продолжува да врши притисок врз украинските градови и инфраструктура додека нејзините сили напредуваат на исток кон клучниот логистички центар Покровск.

Во средата Русија ја нападна Украина со 136 дронови и две наведувани ракети. Повеќето од нив се неутрализирани од системот за воздушна одбрана на Украина, објави украинското воздухопловство на Телеграм.

Педесет и едно беспилотно летало беа соборени над регионите Суми, Черкаси, Кировоград, Тернопил, Керсон, Харков, Житомир, Доњецк, Дњепропетровск, Миколаев, Киев, Полтава, Чернигов и Чернопол, објавија воздухопловните сили, додавајќи дека уште 60 руски беспилотни летала беа неутрализирани со електронско војување.

Руското Министерство за одбрана објави дека нејзините системи за противвоздушна одбрана собориле три украински беспилотни летала – два над Белгород и еден над регионот Воронеж.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП