Во министерството за финансии на големо се работи на изготвување на новиот буџет за 2025 година. Според информациите до кои дојде Денар, ресорното министерство веќе ги има задолжено буџетските корисници да ги подготват своите документи во кои треба да стојат предлог проектите и расгходите за следната година. Потоа финансии ќе треба да пресече, што ќе се финансира со државни пари, а што ќе отпадне од игра.
Информациите кои доаѓаат од министерството за финансии се дека со крајни маки се затвораат дел од дупките во касата која ја наследиле од претходната власт. Сега, кога ќе бидат тие самите креатори на буџетот ќе може подобро да планираат и да ги реализираат зацртаните цели, брифираат од финансии. Според најавите, приоритет за зголемување на платите догодина ќе имаат здравствените работници и вработените во секторот образование.
Засега нема конкретен датум кога ќе биде претставен новиот буџет на државата, но првичните информации од министерството за финансии се дека доколку се се одвива според планот тоа ќе се случи најдоцна до средината на идниот месец, но интенциите се предлог буџетот да се најде на владина седница до крајот на октгомври. Нашите информации велат дека акцентот на буџетот за 2025 година ќе биде ставен на капиталните инвестиции, подобрување на социјалната заштита и секако поддршка на стопанството.
„Во однос на контурите, може да се отвори Фискалната стратегија, генерално се движиме во тој круг, тоа што беше предвидено и веќе е објавено и помина веќе на Влада, така што контурите на буџетот за 2025 се во рамки на тоа што е во официјалната стратегија. Ако продолжиме со ваква наплата на приходите, можеме за многу различни работи да разговараме во иднина и за поголеми покачувања, но тоа што е во овој момент, значи само за 100 дена ако сме успеале да направиме поголема наплата во Буџетот, можете да замислите какви ни се очекувањата за 2025-та, со воведувањето на е-фактурата“, велат од Финансии.
Но, тоа што не оди според планот на вработените во јавната администрација е најавата дека во останатите сектори, посериозно зголемување од над 10 отсто би се случило за околу две години. А според Општиот колективен договор зголемување од околу 15 отсто треба да им следува на вработените во државните институции на стартот од идната година. И тоа право треба да го имаат околу 120 илјади вработени под државна капа. Доколку владата одбие тоа да го стори, секој индивидуално може да тужи и да добие плус камата. Вакво објаснување неодамна дадоа од ССМ.
Инаку речиси и да нема државна институција или сектор во јавната администарција каде има големо незадоволство во однос на висината на платите кои ги добиваат вработените. Високата инфлација во последните две години сериозно влијаеше врз стандардот на вработените во јавниот сектор и администрацијата. Сите сега се надеваат на новиот буџет и плановите на владата за подобрување на квалитетот на нивниот живот.
И.П