19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовата влада повторно го враќа во мода терминот „конфискација!“

Новата влада повторно го враќа во мода терминот „конфискација!“

Нова влада, нови планови за справување со корупцијата. И повторно терминот „конфискација на незаконски стекнат имот“ е мерка која е најавена од страна на властите. Во време кога претходната власт воведе вицепремиерско место кое имаше задача да воспостави добро владеење, се изнаслушавме па и изнагледавме корупција на секој чекор, сега и оваа нова власт иако имаше скриени најави дека тоа место на Илинденска број два ќе се укине, го задржа и продолжува понатаму, да менаџира добро владеење. Со нови механизми и со најави за засилени борни против корупцијата.

Образложението зошто досега не се спроведувало конфискација на незаконски стекнат имот е недостатокот на политичка волја. Вака вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи ја најавува засилената борба против корупцијата. Тој најави силни и квалитетни финансиски истраги, а тоа ќе го спроведува посебен тим од експерти по ова прашање и вели резултатите за брзо ќе бидат видливи. Тој како и речиси сите владини претставници ја обвини поранешната влада дека работела многу недомаќински.

„Наследената состојба е многу потешка од што очекувавме, наследивме над 200 милиони евра непланирани трошоци во државниот буџет неплански потрошен за првите 6 месеци од годинава, држава која ја напуштаат младите. Крајна сиромаштија, над 600.000 илјади жители живеат со 150 денари дневно. Следната недела ќе излеземе со конкретен предлог за обезбедување на потребни средства за работа на министерствата директно вклучени во борба со криминалот. Ќе се обезбедат дополнителни средства за за јавното обвинителство и другите правосудни органи“, изјави вицепремиерот Арбен Фетаи.

Опозицијата засега нема конкретна реакција за овој план на владата на ВМРО ДПМНЕ, ниту пак за обвинувањата кои се упатени на нивна сметка.

Од друга страна пак власта секојдневно обвинува за корупција и наместени тендери, злоупотреби на народните пари кои се случувале во претходните седум години. Последни податоци на оваа тема од партијата на власт велат дека се откриени во најголемиот енергетски капацитет во државата, РЕК Битола.

„Во низата скандалозни тендери се и оние во РЕК Битола. Спорни и според Државната ревизија се тендерите во РЕК Битола што ги доби Марковски компани на чело со сопственикот Борче Марковски почесниот конзул на Белорусија во земјава. Ревизијата утврдила дека биле спроведувани постапки во РЕК Битола со договарање во четири очи без јасно дефинирани критериуми, нееднаков третман на компаниите и расипничко користење на јавните средства“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Во последниот извештај кој го објави Ценатрот за граѓански комуникации за јавните набавки кои се случиле во 2023 година, податоците се најлоши во последните 10 години, во однос на конкурентноста на тендерите и договорите склучени во четири очи. Дури 41 отсто од вработените кои ги спроведуваат државните тендери изјавиле дека постои корупција во Јавните набавки, а огромни 51 отсто од компаниите знаат, биле дел или имаат некакво друго сведоштво поврзано со корупцијата која е дел од набавките кои ги прават јавните институции.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП