22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДуќаните во сенка - онлајн продажбата го менува лицето на трговијата

Дуќаните во сенка – онлајн продажбата го менува лицето на трговијата

Онлајн продажбата добива сè поголема популарност во земјава, а тоа доведува до затворање на многу физички продавници низ Скопје.

Ситуацијата е особено забележлива во квартовите како Центар, Карпош и Аеродром, каде што традиционалните продавници се соочуваат со предизвици што произлегуваат токму од дигитализацијата на трговијата.

Ивана, која со години имала дуќан за роденденски изненадувања во Гази Баба, неодамна донела тешка одлука да го затвори својот физички простор.

„Работев со задоволство, но трошоците за кирија, даноци и вработени станаа преголеми. Сега работам само онлајн и примам нарачки преку Фејсбук и Инстаграм. Тоа ми овозможува да ги избегнам трошоците и да понудам поприфатливи цени на моите клиенти“, вели Ивана.

Промената во начинот на купување не е само индивидуална, туку и колективна појава, коментираат економските аналитичари.

„Онлајн продажбата не само што ги намалува оперативните трошоци на продавниците, туку и им дава на потрошувачите поголема удобност и избор. Физичките продавници се принудени да се прилагодат на новите услови, или да исчезнат од пазарот“, коментираат експертите.

Тие додаваат дека овој тренд може да доведе до значајни промени во економската структура на градот, со зголемена зависност од дигиталната трговија.

Ивана истакнува дека иако работата онлајн и понудата на нови производи се предизвици, таа цврсто верува дека во иднина ќе се подобрат работите.

„Сега имам поголема слобода во управувањето со мојот бизнис. Ги знам потребите на моите клиенти и можам да им понудам производи што ги сакаат“, вели таа.

Со затворањето на физичките продавници и пренасочувањето на бизнисите онлајн, Скопје се соочува со нова реалност во трговијата.

Ќе успеат ли локалните претприемачи да се адаптираат и да ги задржат своите бизниси во овој дигитален век, или ќе мораат да ги следат стапките на затворените дуќани? Времето ќе покаже.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП