Во Германија од 1 октомври се сменија прописите за зимски гуми, на кои возачите ќе мора да се придржуваат во зимски услови на возење.
Имено, според локалните медиуми, од почетокот на овој месец како зимски гуми ќе се препознаваат само гумите со таканаречениот „алпски симбол“, односно планина со три врвови и снегулка.
Дополнително, ADAC, најголемиот германски и европски автомобилски клуб, истакнува дека длабочината на профилот на зимскиот пневматик треба да биде 1,6 милиметри, а доколку длабочината е помала, возачот во тој случај ги прекршува прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Со новата промена од 1 октомври, во зимски услови, веќе не смеат да се користат гуми кои имаат само ознака M+S (кал + снег), без т.н. алпски симбол, а возачите ќе бидат казнети доколку ги користат. Казната за користење на вакви гуми е 60 евра, а во случај на сообраќајна несреќа таа сума се зголемува и до 120 евра.
Симболот M+S веќе беше заменет со „алпскиот знак“ во 2018 година, но преодниот период истече во септември 2024 година.