Европската комисија испрати барање до платформата за онлајн тргување Тему да обезбеди податоци за тоа што направила против нелегалната продажба на производи.
Комисијата додаде дека барањето е поднесено според Законот за дигитални услуги (DSA), објави Ројтерс.
„Субјектот мора да ги достави бараните детални информации до 21 октомври. „Комисијата ќе одлучи за следните чекори врз основа на проценката на одговорот што ќе го добие од платформата Тему“, соопшти Европската комисија.
Тему е шопинг платформа во сопственост на кинеската компанија PDD Holdings.
Уште во мај, Комисијата објави дека Тему ќе мора да се придржува до построгите правила на Европската унија за онлајн содржините, откако бројот на нивните корисници ги надмина клучните критериуми.
Во меѓувреме, Индонезија побара од Google и Apple да ја блокираат платформата Тему во земјата за повеќе да не може да се пристапи. Овој потег има за цел превентивно да ги заштити малите и средните бизниси во Индонезија од евтините производи што ги нуди Тему, иако властите сè уште не пронашле никакви трансакции преку платформата во земјата, пренесува Ројтерс.
Според индонезиските власти, бизнис моделот на Тему, кој директно ги поврзува потрошувачите со фабриките во Кина со цел значително да ја намали цената на производите, претставува нездрава конкуренција.