Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Лондон на разговори со лидерите на Велика Британија и НАТО за неговиот „план за победа“ во војната против Русија.
Зеленски ќе се сретне со премиерот на Велика Британија, Кир Стармер и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, а потоа во Париз ќе разговара и со претседателот на Франција, Емануел Макрон.
Стармер рече дека состаноците во Лондон, на кои присуствуваа и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Леми, министерот за одбрана Џон Хили и началникот на Генералштабот, адмирал Тони Радакин, се можност да се „разгледа планот и да се разговара подетално за него“.
Зеленски во петок во Берлин ќе се сретне со германскиот канцелар Олаф Шолц, а ќе отпатува и за Италија.
Зеленски требаше да го претстави својот план на состанокот на западните лидери и министри за одбрана викендов во Германија, но тој состанок беше одложен бидејќи американскиот претседател Џо Бајден ја откажа посетата поради ураганот на Флорида.
Зеленски во средата на самитот во Хрватска со лидерите на земјите од Југоисточна Европа рече дека целта на неговиот план е да ја зајакне Украина „и геополитички и на бојното поле“ пред каков било дијалог со Русија.
Слабоста на кој било од нашите сојузници ќе го охрабри (рускиот претседател Владимир) Путин“. Затоа бараме да не зајакнат, во однос на безбедносните гаранции, во однос на оружјето, во однос на нашата иднина по оваа војна. Според мене, тој ја разбира само силата“, рече Зеленски.
Киев сè уште чека на збор од Западот за неговите постојани барања да го користи нивното оружје со долг дострел, кој го добил за погодување цели длабоко во Русија.
Се смета дека некои, вклучително и Обединетото Кралство, се подготвени да и ја дадат таа дозвола на Украина, но Бајден се воздржа поради загриженост дека тоа ќе го влоши конфликтот.
Украинскиот лидер последен пат го посети Лондон во јули, откако беше избрана лабуристичката влада на Стармер.
Портпаролот на Стармер, Дејв Парез, рече дека денешниот состанок ќе опфати „широки стратешки дискусии“ за Обединетото Кралство и сојузничката поддршка за Украина за време на „клучен период“.