Русија донесе „принципиелна одлука“ да ги отстрани талибанците од листата на терористички организации, изјави Замир Камулов, претставник на рускиот претседател во Авганистан, пренесе Тас.
Руското Министерство за надворешни работи и Службата за безбедност „го финализираат правниот процес“, рече Камулов, додавајќи дека се надева дека конечната одлука ќе биде објавена наскоро. Во 2003 година, Талибанците беа вклучени во руската листа на терористички организации поради нивната поддршка за сепаратистите во Северен Кавказ.
Во одделни коментари за време на годишниот дипломатски форум за Авганистан во Москва, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги повика западните земји да ги укинат санкциите кон Талибанците.
„Уште еднаш, западните земји се повикани да ја препознаат одговорноста за постконфликтната обнова на Авганистан, да ги укинат санкциите и да го вратат имотот конфискуван од Кабул“, рече Лавров во воведниот говор на состанокот на кој присуствуваше и авганистанскиот министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки”, пренесува Политико.
Лавров го пофали сегашното авганистанско раководство за борбата против дрогата и Исламската држава, без конкретно да ги спомене Талибанците. Русија постепено ги нормализира односите со Талибанците, а во јули рускиот претседател Владимир Путин ги нарече „доверлив сојузник“, додавајќи дека движењето може да и помогне на Русија во борбата против Исламската држава во време кога терористичките напади во Русија се во пораст.
Досега ниту една влада не ја призна талибанската администрација, но Кина и Обединетите Арапски Емирати прифатија авганистански амбасадори во нивните земји.