3 мај, 2025
ПочетнаКОМПАНИИMicrosoft инвестира 4,3 милијарди евра во Италија

Microsoft инвестира 4,3 милијарди евра во Италија

Американскиот софтверски гигант Microsoft најави инвестиција од 4,3 милијарди евра во инфраструктура за вештачка интелигенција и управување со податоци во Италија, скицирајќи ги контурите на центар што треба да го опфаќа целиот Медитеран и Северна Африка.

ItalyNorth ќе биде меѓу најголемите центри за податоци на Microsoft во Европа и ќе биде центар за податоци за Медитеранот и Северна Африка, соопшти компанијата. Најавените инвестиции ќе траат во период од две години, се додава во соопштението објавено во средата.

Претседателот на Microsoft Бред Смит се сретна со италијанската премиерка Џорџо Мелони, соопшти кабинетот на премиерката. Рим изрази задоволство од инвестицијата која ќе ја зајакне дигиталната улога на Италија во Медитеранот, посочија тие.

Во понеделникот, Мелони се сретна и со шефот на американскиот фонд BlackRock, Лери Финк, за да разговараат за можните инвестиции во центрите за податоци и придружната енергетска инфраструктура. Се разговарало и за можни инвестиции во италијанската транспортна инфраструктура и други стратешки сектори, соопштија од кабинетот на премиерката, без да наведат детали.

Во средината на септември, BlackRock објави дека ќе основа фонд со Microsoft за инвестиции во центри за податоци и енергетски проекти за вештачка интелигенција. Фондот за глобално партнерство за инвестиции во инфраструктурата за вештачка интелигенција треба да ги прошири „синџирите на снабдување“ за вештачка интелигенција и да обезбеди повеќе електрична енергија, објавија тие.

Главен партнер во фондот ќе биде инвестициската компанија од Абу Даби MGX, а стручно знаење ќе дава американскиот производител на чипови Nvidia. Компаниите изјавија дека сакаат да развијат инвестициски потенцијал од 100 милијарди долари, каде е вклучено и должничкото финансирање, истакнувајќи дека најголемиот дел од инвестицијата ќе биде насочена во САД, а остатокот во земјите партнери.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП