Инвестицискиот гигант Fidelity процени дека социјалната мрежа Х, која некогаш се нарекуваше Twitter, сега вреди речиси 80 отсто помалку од пред две години, кога ја купи Илон Маск.
Компанијата X е отстранета од берзата откако Маск плати 44 милијарди долари во октомври 2022 година за да ја купи. Сепак, Fidelity ја открива вредноста на своите акции во X, а тие вреднувања внимателно се следат како показател за здравјето на компанијата, пишува CNN.
На крајот на август, тие акции беа во вредност од 4,2 милиони долари, според извештајот на фондот „Blue Chip Growth“ на Fidelity. Тоа претставува пад од 24 отсто од крајот на јули и пад од 79 отсто во однос на 19,66 милиони долари во октомври 2022 година.
Новото вреднување на Fidelity покажува дека X сега вреди 9,4 милијарди долари, што е далеку од 44-те милијарди долари инвесторани од страна на Маск. Другите инвеститори може различно да ја ценат компанијата X.
Аналитичарите велат дека овој пад на вредноста најверојатно се должи на падот на приходите од реклами, бидејќи X повеќе не објавува квартални финансиски резултати. Fidelity не коментираше за поединечни компании, а X не одговори на барањата за коментар.
Некои огласувачи изразија загриженост за „екстремната содржина“ на платформата и не сакаат нивните брендови да се поврзуваат со неа. Неодамнешното глобално истражување на маркетинг фирмата Кантар покажа дека 26 отсто од огласувачите планираат да ги намалат трошоците за X следната година. Само четири проценти од огласувачите веруваат дека X обезбедува „безбедност на брендот“.