18 април, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАСонце, море и есенски бранови - македонските туристи го продолжуваат летото во...

Сонце, море и есенски бранови – македонските туристи го продолжуваат летото во Грција

Сезоната на одмори во Грција сè уште не завршила, а плажите во популарните туристички дестинации продолжуваат да привлекуваат македонски туристи.

Специјално во Калитеа, на полуостровот Халкидики, многу посетители од Македонија се радуваат на продолженото лето, уживајќи во топлите температури и сончевите зраци, и покрај тоа што календарот укажува на октомври.

Една од нив е Даниела, велешанка која во моментов се наоѓа во Калитеа.

Таа сподели свои искуства за новинарите на Денар:
„За одморот на крајот од септември уплатив уште во јуни. Планирав долго и со нетрпение чекав да дојде моментот. Не само што времето е прекрасно, туку и цените се многу поволни“, изјави Даниела.

За неа, сместувањето не претставува голем финансиски товар, бидејќи плаќа само 20 евра за една вечер во апартман со сите услови.

„Воопшто не чувствувам финансиски притисок, а уживам во убавата природа и морето“, додаде таа.

Според податоците од домашните туристички агенции, интересот за одмори во Грција во периодот од крајот на септември и почетокот на октомври е во пораст.

Иако многумина мислат дека летната сезона завршува со септември, времето во Грција продолжува да биде пријатно, а цените на аранжманите значително опаѓаат.

Вработен во туристичка агенција, кој сакаше да остане анонимен, истакна:
„Аранжманите кон крајот на септември и почетокот на октомври се многу евтини и прифатливи за сечиј џеб. Ова е одличен период за оние кои сакаат да уживаат во мирни плажи и попустите на хотелите“.

Се чини дека туристите од Македонија се свесни за овие поволности и многу од нив го планираат својот одмор токму во овој период.

Според статистичките податоци, бројот на македонски туристи кои ја посетуваат Грција во септември е зголемен во однос на претходната година.

Оваа појава е особено видлива во Халкидики, каде што многу семејства од Македонија, во потрага по последните сончеви денови, одбираат да поминат неколку денови на плажа.

Калитеа, со својата идилична плажа и кристално чисто море, стана популарна дестинација за туристите. Локалните ресторани и кафулиња, кои остануваат отворени и во октомври, нудат разноразна понуда на вкусна грчка кујна, што дополнително ги привлекува посетителите.

Многу од нив велат дека за нив, Грција не е само летна дестинација, туку место каде што можат да се одморат и во есен.

Со оваа тенденција, Грција продолжува да биде привлечно место за одмор и во октомври, оставајќи ги зад себе боите на есента и предизвикувајќи насмевки на лицата на своите посетители.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП