Отчет за сработеното за 100 дена влада. Ваква пракса воведе претходната влада на ВМРО ДПМНЕ која владееше од 2006-та година, кога СДСМ дојде на власт и таа си даваше отчет за сработеното во првите три месеци од мандатот.
Во следниов период ќе се изнаслушаме отчети на министри за сработеното во своите ресори, кој колку проекти започнал, што завршил од претходната власт, и обвинувања колку лоша состојба наследиле од претходната власт. Вчера Премиерот Христијан Мицкоски повеќе најавуваше што ќе направат отколку што реализирале, а не изостанаа ниту обвинувањата кон опозицијата дека наследиле разурната држава. Опозицијата не остана рамнодушна и на Мицкоски му порача дека покатастрофален почеток на една влада земјава немала никогаш.
Додека во владата премиерот Мицкоски со министрите даваа отчет за сработеното во првите сто дена од мандатот работниците и натаму чекаат зголемување на минималната плата. Синдикатот е незадоволен дека од сто дена не се најде ниту еден час да се поразговара со работниците, да се чуе маката на работникот. И натаму ССМ чека на првиот Економско социјален совет кој треба да го организира новата влада.
„Барањето за покачување на минималната плата доаѓа како резултат на тешката состојба на работниците, бидејќи 25.000 луѓе во државата живеат со минимална плата од 22.567 денари, а дел од нив примаат помалку од таа сума. Еден синдикален кош за основни потреби веќе бара три минимални плати“, велат од ССМ.
Ниту приватниот сектор многу не се израдувал во првите 100 дена на оваа влада. Бизнисмените очекувале многу но не добиле ништо. Сега бараат да не им се повторат минатите седум години, кога економијата беше на последно место на агендата на владините политики.
„Имавме многу високи очекувања, не добивме речиси ништо. Очекувавме дека оваа Влада ќе има сенс за бизнисот, за сите оние кризи со кои се соочуваме во работењето, меѓутоа она што се зборуваше во изминатиот период беше само зголемување на платите на јавната администрација, земање кредити за општините, заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и на немањето работна сила. Со еден збор – ништо. Немаме никаква конкретна информација на кој начин ќе одат парите од кредитот за бизнисот“, истакнаа од Организацијата на работодавачи.
СДСМ остро ја напаѓа владата дека не и требало никаков отчет да презентира со образложение дека овој владин состав има направено повеќе скандали од било која влада во првите 100 дена од владеењето. Се што ветиле, опозиционерите велат дека ништо не оствариле, туку само бараат изговори за својата неспособност.
„100 дена Влада на Мицкоски и ДПМНЕ е период во којшто не беше реализиран ниту еден конкретен проект. Освен враќањето на оградата пред Владата и споменикот на Ќосето, друго нема. Освен неспособноста којашто ја манифестираше во изминатите 100 дена Владата на Мицкоски изврши директен удар и врз децентрализацијата и автономијата на општините“, посочија од СДСМ.
Владата пак посочи дека покачените пензии за 2 500 денари е потврда дека оваа власт работи во интерес на граѓаните. Кредитот од 500 милиони евра премиерот уште еднаш потенцираше дека ќе се подели за општините, односно за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и за компаниите кои ќе имаат можност да ја подобрат инвестициската активност. Мицкоски посочи дека со крајни маки работат со образложение дека сосотјбата во која ја нашле државата не била таква ниту во нивните најцрни сценарија.
И.П