Според прелиминарната „флеш“ проценка, годишната стапка на инфлација во еврозоната во септември паднала од 2,2 отсто во август на 1,8 отсто и сега е најниска од април 2021 година, објави денеска Евростат.
Во септември цените на енергенсите паднаа за шест отсто на годишно ниво, со побрзо темпо отколку во август, кога паднаа за три отсто.
Наспроти тоа, цените на услугите во еврозоната пораснаа за четири отсто на годишно ниво, благо забавувајќи во однос на августските 4,1 отсто, а индустриските производи, освен енергијата, пораснаа за 0,4 отсто на годишно ниво, исто темпо како во август.
Цените на храната, алкохолот и тутунот во еврозоната во септември се зголемија за 2,4 отсто, нешто побавно од 2,3 отсто во август.
Годишната стапка на базната инфлација во еврозоната исто така падна во септември, од 2,8 отсто во август на 2,7 отсто.
На месечно ниво, инфлацијата во еврозоната падна за 0,1 отсто во однос на август.
Ако се обрне внимание на четирите најголеми економии во еврозоната, годишната инфлација во Германија во септември падна од два отсто на 1,8 отсто, како и инфлацијата во Франција, од 2,2 отсто на 1,5 отсто, во Италија, од 1,2 отсто на 0,8 отсто и Шпанија, од 2,4 на 1,7 отсто.
Евростат ја мери инфлацијата со хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), а резултатите од оваа методологија понекогаш се разликуваат од податоците објавени од земјите во еврозоната.