Републиканскиот кандидат за американски претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски сака неговата демократска ривалка Камала Харис да победи на изборите во ноември.
„Мислам дека Зеленски е најдобриот продавач во историјата“, рече поранешниот претседател на митинг во Пенсилванија, сојузна држава која може да биде одлучувачка на изборите.
Зеленски, исто така, беше во Пенсилванија во неделата, кој посети фабрика за муниција во Скрентон, Пенсилванија, како дел од пошироката турнеја за зајакнување на американската поддршка во борбата против руската агресија.
„Секогаш кога ќе дојде во земјава си заминува со 60 милијарди долари. Тој многу сака тие (демократите) да победат на изборите, но јас би го направил тоа поинаку, ќе работам за мир“, рече Трамп.
Дали наскоро ќе се сретнат?
Републиканецот постојано тврдеше дека ќе успее да преговара за крај на конфликтот, но не откри како ќе го направи тоа и не сакаше јасно да каже дали сака Украина да ја победи Русија. Тој се закани и дека ќе ја прекине американската помош за Киев, пишува агенцијата Ројтерс.
Иако избегна експлицитно да го именува Трамп, Зеленски за време на интервјуто минатиот петок рече дека западните партнери „дури и денес, додека сите функционери кои ја сакаат победата на Украина се на нивните позиции“ мора да направат се што можат Киев да ја добие војната.
За време на претседателската дебата, ривалката на Трамп, Камала Харис, го критикуваше Трамп за неговиот став кон војната, велејќи дека рускиот претседател Владимир Путин „би седел во Киев токму сега“ доколку републиканецот сè уште бил во Белата куќа.
Зеленски треба да се сретне со Трамп во наредните денови, откако ќе разговара со актуелниот претседател Џо Бајден и Харис и ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Посетата на Зеленски на Пенсилванија ја користи Харис, која сака да добие поддршка од 750.000 американски Полјаци во таа сојузна држава. Во 2020 година, Бајден таму го победи Трамп со 80 илјади гласови повеќе.
Кабинетот на украинскиот претседател соопшти дека Зеленски бил во Пенсилванија за да изрази благодарност до фабриката за муниција во Скрентон, чии гранати ги користи украинската армија.
„Ова е клучна фабрика, го зголемија производството на гранати од 155 милиметри исклучиво поради нас. И логично беше да им се заблагодарам“, изјави за Политико анонимен украински функционер близок до претседателот.