22 април, 2025
ПочетнаСВЕТНовиот претседател на Иран тврди дека е подготвен да ги намали тензиите...

Новиот претседател на Иран тврди дека е подготвен да ги намали тензиите со Израел: трошка надеж на Блискиот Исток

Иран е подготвен да ги деескалира тензиите со Израел сè додека гледа исто ниво на посветеност од другата страна, рече неодамна избраниот претседател Масуд Пезешкијан.

„Подготвени сме да го оставиме настрана целото наше оружје сè додека Израел е подготвен да го стори истото“, рече Пезешкијан пред почетокот на Генералното собрание на ОН во Њујорк и продолжи:

„Не сакаме да го дестабилизираме регионот“.

Неговата изјава дојде еден ден откако Израел започна масовни воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан, при што загинаа повеќе од 400 луѓе, според извештаите од Бејрут.

Како што јави агенцијата „Блумберг“, Пезешкијан попладнево по наше време треба да им се обрати на учесниците на Генералното собрание на ОН, а два дена подоцна на истата говорница да се појави и премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху.

Иранскиот претседател коментира дека тензиите меѓу Иран и Израел го достигнуваат врвот откако Техеран го обвини Израел дека стои зад големата експлозија на пејџери и воки-токи во Либан во која загинаа неколку десетици, а беа повредени илјадници луѓе.

Меѓу ранетите е и иранскиот амбасадор во Бејрут, кој изгубил едно око. Техеран се закани со одмазда за овој напад. Нападот, за кој Израел официјално не ја презеде одговорноста, беше насочен кон членови на милитантната група Хезболах, поддржана од Иран.

Исламската Република го спонзорира и Хамас, кој се бори против Израел во Газа. Хезболах и Хамас се на американската листа на терористички организации. Во Јемен, бунтовниците Хути, исто така поддржани од Техеран, извршуваат напади врз трговските бродови во Црвеното Море од минатата година.

Израел и Хезболах се ангажирани во тековна размена на ракетен оган. Ако ескалира во регионална војна од целосен размер, САД и Иран, најверојатно ќе бидат вовлечени во конфликт кој се заканува да се претвори во општа војна во Блискиот Исток.

Пезешкијан рече дека Иран сака да види мир, но дека ќе се спротивстави на неправдата против своите сојузници, кои сами донесуваат одлуки за воена акција.

„Не примаат наредби од никого“, рече тој и продолжи:

„Не е како Јеменците да чекаат да им кажеме што да прават или што да не прават.

Пезешкијан повтори дека Иран немал претходни сознанија за нападите врз Израел од 7 октомври од страна на Хамас, што ја предизвика војната во Газа. Во тој напад загинаа 1.200 цивили и војници, а беа земени околу 250 заложници.

Следуваше израелска одмазда, во која загинаа повеќе од 41.000 луѓе, според палестинските власти.

Сметан за реформатор во тесен круг на иранската политичка сцена, Пезешкијан ја изрази својата подготвеност да ги рестартира разговорите за откажаниот нуклеарен договор на Техеран со Западот и ќе инсистира САД да ги укинат економските санкции.

Тој рече дека Иран е подготвен да се врати на првичниот договор и рече дека Техеран продолжува да се движи кон целите поставени во тој договор.

Пезешкијан, кој ја презеде функцијата во јули, откако неговиот тврдокорен претходник загина во хеликоптерска несреќа, исто така негираше дека Иран и дал оружје на Русија за поддршка на нејзината војна против Украина, спротивно на тврдењата на САД.

„Ние не ја одобруваме руската агресија врз Украина. Не сме им испратиле и нема да им испратиме балистички ракети.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП