19 април, 2025
ПочетнаСВЕТНетанјаху ги повика Либанците да бегаат

Нетанјаху ги повика Либанците да бегаат

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им порача на либанските цивили оваа вечер сериозно да ги сфатат повиците да ги евакуираат своите домови.

„Израел не е во војна со вас. Со Хезболах е“, рече Нетанјаху во видео порака додека израелските воени авиони продолжуваат да напаѓаат цели на Хезболах во јужен и источен Либан, според агенциите и израелските медиуми.

„Предолго Хезболах ве користеше како жив штит. Тој стави ракети во вашите дневни соби и проектили во вашата гаража. Тие ракети и проектили се насочени директно кон нашите градови, директно кон нашите граѓани. За да го одбраниме нашиот народ од нападите на Хезболах, мораме да го уништиме тоа оружје“, рече израелскиот лидер по кого Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење.

Тој додаде дека од утрово израелската армија ги предупредува либанските цивили да се евакуираат.

„Апелирам сериозно да го сфатите тоа предупредување. Не дозволувајте Хезболах да ги загрозува вашите животи и животите на вашите најблиски. Не дозволувајте Хезболах да му се заканува на Либан“, рече Нетанјаху и најави дека либанските цивили ќе се вратат дома кога операцијата ќе заврши.

Израел денеска им нареди на жителите на целните области на југот и на истокот на Либан да заминат пред почетокот на нападот.

Во тие воздушни напади денеска беа убиени повеќе од 270 Либанци. Илјадници жители побегнаа од југ, а главниот автопат од пристаништето Сидон беше полн со возила што се упатија кон Бејрут во најголемиот егзодус од војната Израел-Хезболах во 2006 година.

Повеќе од 1.000 луѓе беа ранети во нападите, што е неверојатна бројка во еден ден за земја која сè уште се опоравува од смртоносниот напад врз комуникациската опрема минатата недела.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП