Повторно вчера беше погоден Либан, еден ден по големите пејџер експлозии во кои загинаа 12 лица, а илјадници беа повредени.
Во вчерашниот напад експлодираа воки-токи на борците на Хезболах, како и соларни панели на куќи. Во новите експлозии загинаа 20 луѓе, но бројот може да се зголеми. Повеќе од 450 се ранети.
Иран соопшти дека ќе одговори откако неговиот амбасадор во Либан, Мојтаба Амани, беше ранет со пејџер насочен кон Хезболах. „Иран соодветно ќе го следи нападот врз неговиот амбасадор во Либан, што резултираше со негово повредување, и го задржува своето право според меѓународното право да преземе мерки што се сметаат за неопходни за да одговори на таквото грозоморно злосторство и прекршување“, се заканија тие.
Иран го поддржува Хезболах, која е една од најмоќните милитантни групи на Блискиот Исток и која е ангажирана во секојдневна размена на оган со Израел од нападот на Хамас на 7 октомври. CNN дознава дека Израел, кој одби директно да коментира за серијата експлозии во Либан оваа недела, стои зад нападите.
„Генералниот секретар на ОН и Советот за безбедност мора недвосмислено да ја осудат терористичката акција на Израел и грозоморното злосторство против шефот на иранската дипломатска мисија во Либан, како и кршењето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан и нападите и таргетирањето на либански цивили“, се закани Иран.
Либанскиот министер за надворешни работи Абдала Бу Хабиб изјави за Си-Ен-Ен дека стравува дека серијата смртоносни напади во Либан сигнализираат „увертира за војна“.
„Ова е страшен момент и се плашиме од војна бидејќи не ја сакаме“, рече министерот за надворешни работи, кој го обвини Израел за нападите.
„Имаше гранични судири, понекогаш ескалирани, но сега зборуваме за војна, тоа е увертира за војна“, рече тој, повикувајќи ги Советот за безбедност на Обединетите нации и САД да помогнат во обновувањето на мирот долж либанско-израелската граница. „Сега не можеме да разговараме со Хезболах како што разговаравме со нив во минатото, бидејќи, се разбира, тие беа многу силно погодени и затоа е неопходна одмазда“, додаде тој.