Здружението “Но пасеран” кое главно е составено од членови кои протестираа со години против правилата на Регулаторната комисија за енергетика, Топлификација и Балкан Енерџи Груп, масовно ги добиваат судските случаи како во земјава така и во судот за човекови права во Стразбур.
Податоците на здружението велат дека десетици илјади случаи судски постапки имаат добиено граѓаните само по основ на тоа што биле исклучени од системот за парно греење, а плаќале надоместок во компаниите за топлинска енергија.
Од здружението Но пасеран за Денар велат дека поранешна Топлификација имала одврзани раце да тужи масовно и две третини од нивната заработка или околу 2 милиона евра годишно изнесувале тужби кон граѓани. Потоа додаваат дека од 2013-та им се придружува и новата компанија БЕГ. Во моментов сеуште има судски постапки на БЕГ против граѓани, но и од граѓани кон БЕГ. Дел од граѓаните кои добија во Стразбур ги повторуваат судските постапки во Основен граѓански суд 2, но со големо задоцнување поради бавноста на судот.
„Досега се исплатени само трошоците за постапките за Жалбите во Стразбур. Дел од нив завршија со спогодби, но добар број од оштетените одеа до крај – Пресуда. Досега државата од својот буџет за ова исплати околу 300,000 евра, но многу повеќе ќе исплати ако БЕГ отиде во стечај и не ги врати украдените пари на исклучените. Прашајте ги Основен граѓански суд 2 Скопје и Апелација Скопје зошто плаќале по 190 илјади евра годишно за парно греење кога едно училиште со слична квадратура плаќало 15 илјади? Ова го правеле огромен број државни институции сместени во Скопје, а финансирани од буџет на РМ. По овој основ се украдени околу 150 милиони евра за период од десетина години!!!“, велат од Но пасеран.
Од Но пасеран велат дека имаат сознанија дека позади БЕГ секогаш стојат политичари кои се на власт, прво ДПМНЕ, а потоа и СДСМ. Како и екс функционери и бизнисмени.
Не треба никогаш РКЕ да дава лиценци за топлинско снабдување на ДОО или ДОЕЛ компании, а особено позади кои стојат офшор компании, како што е мајка фирмата на БЕГ – Битар Холдингс од Кипар. Шемата е следната: БЕГ снабдување ДООЕЛ – БЕГ АД – Битар Холдингс – ТГК2 – Синтез груп“, додаваат од здружението.
Од Но пасеран велат дека ништо не е сменето ниту во последниве неколку години. Сега сите неправилности се прават преку државната ЕСМ снабдување ДООЕЛ. Само услововите за исклучување се поригорозни и скоро невозможни. А тоа е поради новите правилници за снабдување во РКЕ каде членовите се поставени политички, од истите оние кои стоеја позади БЕГ.
Инаку, стотина граѓани со години протестираа пред старата зграда на Регулаторната комисија за енергетика поради тоа што плаќаат надоместок за користење на топлинска енергија, а беа исклучени од системот за парно греење во Скопје.
И.П