16 октомври, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОхрид е (пре)скап и во септември – туристи има, ама не им...

Охрид е (пре)скап и во септември – туристи има, ама не им се трошат пари

Охрид, познат по својата убавина и културно наследство, секоја година привлекува голем број туристи кои сакаат да ја искусат магијата на ова езерско место.

Сепак, и покрај природните убавини и богатата историја, многумина се жалат на високите цени кои се задржуваат дури и по завршувањето на туристичката сезона.

Туристичките работници и дуќанџиите од Охридската чаршија изразуваат загриженост поради фактот дека иако улиците се полни со посетители, продажбата не е на задоволително ниво.

„Чаршијата е полна, како во најдобрите денови од летото, но туристите повеќе се одлучуваат за разгледување отколку за купување“, вели еден од продавачите.

Првичните анализи покажуваат дека иако има зголемување на бројот на туристи, потрошувачката не е на очекуваното ниво.

Англичаните се издвојуваат како најголеми потрошувачи, додека холандските туристи се сметаат за помалку склони кон трошење, ограничувајќи се на услугите вклучени во нивните пакет-аранжмани.

Угостителите од Охрид, пак, тврдат дека цените во нивните објекти се слични со останатите туристички центри и дека високите цени се само во рестораните и кафулињата на брегот на езерото и во чаршијата.

Сепак, според последните податоци од Државниот завод за статистика, забележано е зголемување на цените на угостителските услуги за 5,1 процент во август во споредба со истиот месец минатата година.

Еден скопјанец, кој неодамна помина викенд во Охрид со своето семејство, изјави дека за сместување во соба со три кревети платил 35 евра по ноќевање.

„Сметам дека е прескапо, особено затоа што сместувањето беше во близина на автобуската станица, а цените во центарот беа уште повисоки“, изјави Благојче Додевски од скопската населба Аеродром.

Оваа ситуација го поттикнува прашањето дали Охрид станува премногу скап за просечниот посетител, дури и во месеците кои традиционално се сметаат за пониска туристичка сезона?!

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП