21 април, 2025
ПочетнаСВЕТЕвропа се подготвува за најлошите поплави во последните децении

Европа се подготвува за најлошите поплави во последните децении

Централна Европа се подготвува за најтешките поплави во последните неколку децении, поради поминувањето на циклонот Борис, чие влијание се очекува викендов.

Според чешките и полските метеоролози, во некои области на нивните земји може да наврнат и до 400 литри дожд на метар квадратен во следните четири дена, а во Австрија и Словачка околу 200 литри.

Културните манифестации закажани за викендов беа откажани во тие четири земји поради најавеното поминување на циклонот.

Во Полска, алармите за временска прогноза се активирани на југот на земјата, првенствено за градовите на Одра како Вроцлав и Ополе, а властите формираа кризен штаб во Вроцлав.

Како што рече чешкиот министер за животна средина Петр Хладик, ситуацијата „може да биде слична на онаа од 1997 и 2002 година, кога поплавите ја погодија Моравија на истокот на Чешката Република. Тогаш загинаа 50 луѓе и имаше неколку милијарди долари штета.

Во 2002 година, поплавите го погодија западниот дел на земјата, однесоа 17 животи и предизвикаа уште поголема штета отколку во 1997 година. Градовите во Моравија подигнаа бариери за поплави и подготвија вреќи со песок во пресрет на невремето, кое ќе биде придружено со ветрови до 100 километри на час.

Како што јави австриската телевизија ОРФ, нивото на водата на Дунав би можело да се искачи на нивоа што не се забележани пет до десет години.

Австрискиот канцелар Карл Нехамер рече дека армијата е подготвена да распореди до илјада војници доколку е потребно. Во состојба на готовност се и словачката армија и доброволните пожарникари.

Се очекува дека врнежите би можеле да бидат поголеми од оние што ја погодија централна Европа во 2013 година, кои тогаш се сметаа за најлоши во последните илјада години, предупредува словачката метеоролошка служба imeteo.sk.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП