11 октомври, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБорбата продолжува, синдикалците не се откажуваат од барањата за повисоки плати и...

Борбата продолжува, синдикалците не се откажуваат од барањата за повисоки плати и заштита на сопственоста на ССМ!

Синдикалците се мобилизираа. Претседателството на ССМ и Советот на ССМ како највисок орган помеѓу два Конгреси, со заеднички сили ќе дадат отпор на нападите кон Сојузот на синдикатите на Македонија како и за опструкциите кои според нив се прават за да се спречи ССМ во борбата за обезбедување на достоинствени плати за достоинствен живот пред се на членовите на Гранските синдикати здружени во ССМ како и на сите работници во Македонија. Тие донесоа заеднички одлуки со кои се осудуваат сите напади.

Од ССМ за Денар велат дека не се плашат од сите обиди, а особено нападите и обидите од страна на според нив – квази синдикалци да го поткопаат ССМ во борбата за раст на платите, во борбата за склучувањето на нови Колективни договори и анекси на истите. Дополнително и во борбата за спас на Работнички дом и велат дека ги отфрлаат сите искажани лаги и невистини во медиумите и во јавноста.

„Претседателството и Советот на ССМ покрај другото ја дадоа целосната доверба на раководството на ССМ во борбата за работнички права, а спроведувањето на Одлуките на органите и телата да бидат приоритет во дејствувањето на ССМ во наредниот период. Претседателството на ССМ и Советот на ССМ едногласно донесоа Одлуки јавно да се објават и да се достават до надлежните институции Пресудите од Управниот и од Вишиот Управен суд од 2022 и 2023 година, Решенијата од Основното јавно обвинителство и Вишото јавно обвинителство од 2019 и 2020 година како и Решението од Комисија за жалби од 2020 година со кои се делегитимираат лагите и опструкциите на поединци кои за остварување на личен интерес го напаѓаат ССМ“, велат од ССМ.

Во последниве два месеци, на неколку пати премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања поврзани со барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата од 450 евра, рече дека барањето има политичка позадина, а синдикатите дека работат во интерес на опозицијата. Овие обвинувања раководството на ССМ експресно ги отфрли, и потенциураа дека нема ништо политика во тоа да се бараат услови за подобар живот на работниците кои го полнат државниот буџет од каде плата земаат токму политичарите.

Раководството за ССМ беше обвинувано и од екс претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Живко Митрески кој изјави дека тој бил незаконски сменет од челната функција на ССМ и сега бара начин како да се врати во ССМ како синдикален лидер. Тој истакна и дека актуелниот претседател на ССМ Слободан Трендафилов само ја замајува јавноста дека работи во интерес на работниците, но според Митрески – Трендафилов не е легитимен претседател на ССМ.

Борбата продолжува, вака велат од ССМ во однос на следните чекори кои ќе ги преземат во обидите за подобрување на квалитетот на живот на работниците.

Во работната посета на ССМ беше и генералната секретарка на европската конфедерација на синдикати Естер Линч, која е прв човек на европското синдикално движење. Таа даде поддршка во борбата против актуелните состојби во врска со незаконитото одземање на зградата сопственост на ССМ, барањата на синдикатите до владата за зголемување на платите во државата, положбата на работниците, работничките права и работничките организации и нивната усогласеност со европското законодавство и меѓународните трудови стандарди, како и положбата на синдикатите во Македонија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП