Летото 2024 година ги собори глобалните рекорди за топлина втора година по ред, што го прави веројатно најжешкото досега, соопшти европската служба за климатски промени Copernicus(C3S).
Copernicus започнал да ги снима временските услови во 1940 година, а научниците ги користеле тие датотеки за да потврдат дека летото на северната хемисфера, од јуни до август, било најтопло од прединдустрискиот период од 1850 година.
„Во текот на изминатите три месеци, светот се соочи со најтоплите јуни и август, најтоплиот ден досега и најжешкото бореално лето“, рече заменик директорот на C3S, Саманта Бурџис.
Таа посочи дека екстремните временски услови ќе станат уште поинтензивни доколку земјите не ги намалат емисиите на гасови кои ја загреваат планетата, пренесува Ројтерс.
Променливата клима продолжи да предизвикува хаос ова лето, при што поплавите предизвикани од обилните дождови во Судан минатиот месец погодија повеќе од 300.000 луѓе и придонесоа за ширење на колерата во земјата разурната од војна.
Научниците исто така потврдија дека климатските промени предизвикуваат суша на италијанските острови Сицилија и Сардинија и дека го засилиле тајфунот Гаеми, кој во јули помина низ Филипините, Тајван и Кина, при што загинаа повеќе од сто луѓе.
Климатските промени предизвикани од човекот и природниот временски феномен Ел Нињо, кој ги загрева површинските води во источниот дел на Тихиот Океан, доведоа до рекордно високи температури на почетокот на оваа година.
Copernicus рече дека подпросечните температури во екваторијалниот Пацифик минатиот месец укажуваат на премин кон Ла Нињо, постудениот пандан на Ел Нињо, но и покрај тоа, рекордно високи температури се забележани во различни делови на светот.