Ако владите на ВМРО ДПМНЕ се познати по нешто, тоа секако е политиката на рамни даноци. И во овој нивен мандат оваа партија настојува да го продолжи тој тренд, и доколку постои одредено спротивно мислење од страна на некој експерт дека може и поинаку, тој веднаш е етикетиран како симпатизер на сегашната опозиција и дека со тој став само се настојува да и штети на работењето на владата.
Во програмата за работа владеачката партија има и дури план за намалување на одредени даноци, што дел од даночните експерти го сметаат за небулоза.
“Не стравуваме дека може да добиеме некаква санкција од меѓународниот фактор доколку ги намалиме даноците за големите коорпорации”. Децидни се од владата.
И покрај предупредувањата од даночните експерти, властите се толку уверени во тоа што имаат намера да го направат што велат дека, „тоа можеби се експерти кои не гласале за нас, за нашата програма, имале други политички опции, но сега тие се поразени.“
„Ние ќе направиме реформа во даночниот систем и нема да има санкции поради тоа, а Македонија ќе остане земја со најниска даночна политика во Европа. Тоа е важно затоа што, потребни ни се инвестиции, а инвестициите носат нова технологија, носат знаење, инвестициите отвораат нови работни места, а следен чекор е да креираме добро платени работни места, и тоа е целта на оваа влада“, велат од Владата.
Овој вербален дуел, беше упатен до експертите кои на владата и порачаа да размиси за најавеното намалување на данокот на добивка од 10 на 5 отсто, но само за големите компании, оние кои годишно заработуваат над 50 милиони евра.
Државата не може да се развива ако даночната политика ни е составена само од ниски и рамни даноци, вели Славко Лазовски еден од креаторите на речиси сите реформи во даночниот систем во земјава од осамостојувањето. Според него, високо развиените држави имаат високи даноци само поради таа причина, а и тие некогаш почнале од нула, како што треба да пресечеме и ние, додава експертот по даночна политика. Само големите даноци влечат напред, додава Лазвоски.
„Една од слабостите на нашиот даночен систем е што има тесна даночна структура. Таа структура од пет локални и пет национални е малку и треба да има околу 30 видови на даноци вкупно. Значи, колку повеќе видови на даноци има, току повеќе даночниот систем добива во својата правичност. Услов, за да имаме во нашите џебови повеќе пари, како поединци како граѓани да имаме повеќе приходи е да има повеќе даноци. Дополнително, ако сме се одредиле дека ќе одиме во Европската унија, треба да воведуваме и прогресивно одданочување. Дури и во прогресивно одданочување, не само граѓаните туку и бизнисите имаат голема полза. Високиот данок треба да се гледа како можност за остварување на поголеми доходи“, вели Славко Лазовски.
Инаку, во програмата на владеачката партија стои и дека владата има план да го подигне прагот за регистрација на ДДВ обврзници кај компаниите од два на три милиони денари. Оваа мерка е дел од четиригодишната програма на ВМРО ДПМНЕ. Даночниците се со спротивен став и велат дека секогаш кога се корегира прагот на регистрација тој се намалува, но никако да се зголемува.
И.П