Бруто домашниот производ во вториот квартал од 2024 година испорача раст од 2,3 отсто. Најновиот извештај на Државниот завод за статистика објави дека забележан е раст кај услужните дејности, уметноста и забавата, како и кај стручните дејности, и административните професии. Во вторите три месеци од годинава Бруто домашниот производ е посериозно пораснат во однос на првите три месеци кога растот на БДП изнесуваше само 1,2 отсто.
Статистичарите пресметале дека финалната потрошувачка на граѓаните учествува со дури 74,5 отсто, и таа номинално расте за речиси 5 проценти. Бруто-инвестициите во второто тримесечје од 2024 година бележат зголемување во делот на бруто инвестициите во основни средства, а намалување во промената на залихите, се наведува во извештајот на ДЗС.
„Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во второто тримесечје од 2024 година е 2.3 %. Во второто тримесечје од 2024 година, поголем пораст е забележан во секторите уметност, забава и рекреација; Други услужни дејности; Дејности на домаќинствата како работодавачи; дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби од 9.5 % и – Стручни, научни и технички дејности; Административни и помошни услужни дејности од 8.7 %. Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во второто тримесечје од 2024 година, номинално расте за 4.7 %, а нејзиното учество во структурата на бруто домашниот производ изнесува 74.5 %. Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално е намален за 3.4 %, а увозот на стоки и на услуги забележа намалување во номинален износ од 5.2 %“, стои во извештајот на Државниот завод за статистика.
За крајот на годинава економскиот раст првично, од претходната влада беше проектиран на ниво од 3,4 отсто. Но, новата влада првичниот буџет го ребалансираше со проекција од раст на БДП од најмногу 2,1 отсто на крајот на оваа календарска година.
Ставот на економистите веќе подолг период е дека само со воведување на нова технологија која ќе продуцира производи со додадена вредност македонската економија ќе може да се надева на повисок раст на економијата. Со овој стил на водење на економските политики, Бруто домашниот производ може да се зголемува до три отсто, што и не е некој процент за поздравување.
И.П