4 октомври, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Xiaomi“ го забележа својот најбрз раст на приходите од 2021-ва

„Xiaomi“ го забележа својот најбрз раст на приходите од 2021-ва

Кинеската технолошка компанија „Xiaomi“ го забележа својот најбрз раст на приходите од 2021-ва година, поттикнат од почетниот успех на нејзините први електрични автомобили и закрепнувањето на глобалниот пазар на паметни телефони.

Приходите од продажба се зголемија повеќе од очекуваното, забележувајќи пораст од 32 отсто на 88,9 милијарди јуани (12,5 милијарди долари). Просечната прогноза на аналитичарите беше за 86,9 милијарди јуани. Нето добивката достигна 5,1 милијарди јуани, наспроти прогнозата од 3,8 милијарди јуани.

„Xiaomi“ го лансираше својот прв електричен автомобил во март, откако основачот на компанијата Леи Јун во 2021-ва година рече дека гигантот ќе инвестира 10 милијарди долари во производството на автомобили во текот на следната деценија, област која веќе е населена со многу големи играчи од „Tesla“ до „BYD“. Милијардерот рече дека неговата компанија има за цел да стане еден од петте најголеми производители на автомобили за 15-20 години.

Компанијата со седиште во Пекинг ги зголеми целите за испорака на својот модел „SU7“ веднаш по дебито на автомобилот. Во мај, директорите на компанијата изјавија дека би можела да има за цел да продаде 120.000 електрични возила оваа година, што е повеќе од претходно објавената цел од 100.000.

Иако „Xiaomi“ го продава „SU7“ само во Кина, тој го покажа седанот за време на Олимписките игри во Париз и на познатата германска патека во Нирбургринг. Во Париз, Леј рече дека компанијата ќе го направи автомобилот достапен на глобално ниво, но не даде временска рамка кога тоа ќе се случи.

Ова ги поттикна шпекулациите дека „Xiaomi“ сака да влезе на европскиот пазар, и покрај тоа што Европската унија воведе царини за увоз на електрични автомобили од кинеско производство.

Компанијата сега развива повеќе модели во својата постава електрични автомобили за поуспешно да се натпреварува со лидерите во индустријата, со планови за продажба на спортски автомобил сличен на „Model Y“ кој ќе биде пуштен во продажба во 2025-та година, објави „Bloomberg News“. Покрај тоа, гигантот го проширува својот капацитет и неодамна купи имот во Пекинг.

Во последниот квартал, „Xiaomi“ забележа одредено закрепнување во својата основна дејност со паметни телефони. Третиот по големина продавач на вакви уреди во светот продаде 28 отсто повеќе телефони во споредба со претходниот квартал, додека вкупниот пазар порасна за 6,5 отсто, покажуваат податоците на фирмата за истражување на пазарот „IDC“.

Цената на акцијата на „Xiaomi“ во Хонг Конг се зголеми за 16% откако компанијата почна да ги продава своите електрични автомобили кон крајот на март.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП