10 мај, 2025
ПочетнаСВЕТМајмунските сипаници пристигнаа во Европа, има ли причина за страв?

Мајмунските сипаници пристигнаа во Европа, има ли причина за страв?

Ширењето на мајмунските сипаници (mpox) предизвика загриженост низ целиот свет. Светската здравствена организација (СЗО) по втор пат во последните две години прогласи глобална вонредна состојба поради ширење на инфекцијата и нова мутација на вирусот.

По избувнувањето на епидемијата во Демократска Република Конго, инфекцијата се прошири и во соседните земји, но и надвор од африканскиот континент. Заразата е регистрирана и на европско тло. Шведска го потврди првиот случај на новиот вид mpox „clade 1“ кај пациент кој бил во Африка.

Вирологозите велат дека се работи за варијанта на вирусот која може да предизвика потешка клиничка слика, а смртноста е и до 11 отсто во африканските земји кои немаат развиен здравствен систем.

Поблага верзија на овој вирус, „clade 2“, се прошири во повеќе од 100 земји во 2022 година, а само Велика Британија потврди повеќе од 3.700 случаи. Овој вирус може да се шири преку близок контакт меѓу луѓето и најчесто се манифестира со благи симптоми, но во ретки случаи инфекцијата може да биде фатална.

Светската здравствена организација предупреди дека новата варијанта на мајмунска сипаница брзо се шири и претставува закана за остатокот од светот.

„Нашата главна грижа е степенот на ширење во заедниците во кои се наоѓаат. Тоа се бегалски кампови, луѓе со страшни конфликти, области разурнати од војна во Демократска Република Конго. Значи, тоа се луѓе кои веќе се физички под многу голем стрес, гладување, а видовме и многу луѓе со ХИВ кои страдаат од овој вирус“, рече Маргарет Харис, портпаролка на Светската здравствена организација.

Таа изјави дека е неопходно да се мобилизираат сите финансиски средства за што поскоро да се запре ширењето на вирусот. Светската здравствена организација ги покани производителите да ги достават своите вакцини.

„Ова ќе им овозможи на УНИЦЕФ и другите организации да стигнат до погодените заедници што е можно поскоро“, рече Харис.

Како се препознава болеста

Мајмунската сипаница е вирусна инфекција, со симптоми кои наликуваат на клиничката слика на сипаници. Прво се појавува покачена температура, проследена со карактеристичен осип на кожата – гнојни лезии кои траат две до четири недели.

Според Центарот за контрола и превенција на болести на САД (CDC), мајмунските сипаници вклучуваат други симптоми како треска, отечени лимфни јазли, исцрпеност, болки во мускулите и грбот, главоболка, респираторни проблеми (болки во грлото, затнат нос или кашлица).

Според CDC, во моментов не постои официјален одобрен третман конкретно за инфекции со mpox. За повеќето пациенти кои имаат силен имунолошки систем и немаат кожни симптоми, домашно лекување е доволно.

Сепак, вакцина со две дози е развиена за заштита од вирусот и е широко достапна во западните земји, но не и во Африка. Научниците од Африканските центри за контрола и превенција на болести велат дека се потребни повеќе од 10 милиони дози од вакцината, но достапни се само 200.000.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП