Најголемиот синдикат на јужнокорејската компанија Самсунг Електроникс денеска објави дека од четврток ќе стапи во четиридневен штрајк.
Потпретседателот на синдикатот NSEU од 36.500 членови, Ли Хјун Кук, рече дека штрајкот има за цел да ја оштети компанијата и да ги принуди нејзините менаџери да ги зголемат платите и бонусите, пренесува Ројтерс.
Претставниците на синдикатот очекуваат дека Samsung Electronics нема да има доволно работници на резерва за да го покрие отсуството на штрајкувачите, бидејќи Јужна Кореја слави национален празник во четврток и многу вработени ќе бидат отсутни.
Samsung Electronics планира да спречи пречки во производството и сака да ги продолжи преговорите со синдикатот, се вели во соопштението на менаџментот.
Оперативниот профит на јужнокорејската технолошка компанија Samsung Electronics скокна за цели 1.458,2 отсто на годишно ниво, на приближно седум милијарди евра во вториот квартал од 2024 година, поттикнат од големата побарувачка за нејзините напредни мемориски чипови клуч за пресметување со вештачка интелигенција (AI).
Приходите на компанијата за вториот квартал од 2024 година се зголемија за 23,42 отсто на годишно ниво на 74,07 трилиони корејски вони или приближно 49,34 милијарди евра. Резултатите се подобри од предвидувањата на аналитичарите бидејќи побарувачката за напредните мемориски чипови на Samsung е сè уште многу силна, пренесува CNBC.