Властите во Москва објавија дека презеле мерки за да го ограничат напредувањето на украинските сили во рускиот пограничен регион Курск, каде украинските војници ја преминаа границата пред повеќе од една недела.
Скај њуз пренесува соопштение од Министерството за одбрана на Русија, во кое се наведува дека свежи единици на резервисти, со поддршка на борбени авиони, беспилотни летала и артилерија, спречиле натамошно продирање на украинските војници кон населбите Обшчи Колодез, Снагост, Каучук и Алексеевски.
Британската телевизија објави дека нови руски војници пристигнале во регионот Курск, барем делумно, откако Лауринас Кашјунас, министер за одбрана на Литванија, откри дека Русија ги преместува војниците од нејзината балтичка енклава Калининград во областа. Поради стратешката положба меѓу трите членки на Западната алијанса, Калининградската област е наречена „Ахилова пета на НАТО“.
И покрај тоа, Украина инсистира на продолжување на воениот напредок во пограничната област. Олександр Сирски, врховен командант на вооружените сили на Украина, изјави дека Киев сега контролира 74 населени места во областа Курск и дека во изминатите 24 часа се заземени дополнителни 15 квадратни километри територија. Борбите се водат по целата линија на фронтот, но, според него, „ситуацијата и покрај тешките борби е под контрола“.
Хеорхи Тихи, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, истакна дека Украина „не е заинтересирана“ за долгорочно задржување на териториите во регионот Курск. Тој објасни дека целта на прекуграничната операција е да се заштити Украина од удари на долг дострел од таа територија и да се зачуваат животите на цивилите.
Тихи додаде дека Русија извршила повеќе од 2.000 воздушни напади од областа Курск во последниве месеци, користејќи противвоздушни ракети, артилерија, хаубици, беспилотни летала, 255 бомби и над 100 ракети.
САД тврдат дека немаат никаква врска со нападот
Соединетите Американски Држави објавија дека „немаат никаква врска“ со украинскиот напад врз областа Курск, што е најголемиот напад на руска територија од крајот на Втората светска војна. Карин Жан-Пјер, портпаролка на Белата куќа, за време на летот со претседателскиот авион Ер Форс 1 рече дека САД не се вклучени во овој конфликт и дека ќе продолжат со разговорите со Украина за нејзиниот пристап, но дека Украина треба да направи изјава на темата.
Скај њуз потсетува дека рускиот претседател Владимир Путин најави дека ќе и возврати на Украина „на вистински начин“ и ги обвини „западните господари“ на Киев дека ја поддржуваат инвазијата во областа Курск.
Дмитриј Полјански, заменик рускиот амбасадор во Обединетите нации, рече дека „дарежливата“ мировна понуда што Русија и ја претстави на Украина во јуни „веќе не е на маса“ и дека Украина „подоцна ќе зажали за тоа“.