Руската Национална гарда ја засили заштитата на нуклеарната централа Курск поради напредувањето на Украина кон рускиот пограничен регион Курск, додека во регионот е воведена вонредна состојба. Дополнителни сили се распоредени и во борбата против диверзантските и извидувачките трупи во регионите Курск и Белгород, соопшти гардата.
Се наведува дека операциите се спроведуваат со руските гранични трупи и армијата. Електраната Курск има четири нуклеарни реактори, а се наоѓа на нешто повеќе од 60 километри од украинската граница. Украинските војници поддржани од тенкови и артилерија вчера ја преминаа руската граница од регионот Суми.
Според непотврдени информации, тие напредувале и до 15 километри во правец на нуклеарната централа. Вонредна состојба е на сила во областа Курск во Русија, објави денеска на Телеграм вршителот на должноста гувернер Алексеј Смирнов. Руското Министерство за здравство соопшти дека во нападите на украинските сили врз областа Курск се повредени 31 лице, меѓу кои шест деца.
Русија ги обвини украинските војници дека ја преминале границата во нејзиниот регион Курск, што, доколку биде потврдено, би претставувало прв упад од ваков вид од Украина. Руското Министерство за одбрана, Рускиот истражен комитет и рускиот омбудсман за деца соопштија дека украинските сили вчера започнале „масовна офанзива“, обидувајќи се да ја пробијат руската одбрана на границите на областа Курск, која се наоѓа северно од украинската област Суми.