Голем пад на берзите ширум светот поради стравот од рецесија во САД.
Wall Street падна бидејќи стравувањата се проширија низ глобалните пазари дека САД би можеле да влезат во рецесија по слабите економски податоци минатата недела. Инвеститорите се загрижени за статистиката за невработеноста, објавена во петокот, која неочекувано порасна од 4,1 отсто во јуни на 4,3 отсто во јули. Се очекуваше таа бројка да остане непроменета.
Расте и загриженоста кај инвеститорите дека Федералните резерви се движат премногу бавно кон намалување на децениските високи каматни стапки.
Падот започна од азиските пазари, каде прво јапонскиот индекс Nikkei падна за 12,4 отсто, што е најголем еднодневен пад од 1987 година и злогласниот црн понеделник.
Индустрискиот индекс Dow Jones падна за 2,6 отсто, високотехнолошкиот индекс Nasdaq за 3,4 отсто, а индексот на широкиот пазар S&P 500 падна за 3 отсто.
Седум од најголемите технолошки компании, некогаш ѕвезди на берзата, вклучувајќи ги Alphabet, Meta и Microsoft, загубија повеќе од 650 милијарди долари во заедничка пазарна вредност.
Сепак, јапонските акции нагло пораснаа во вторникот, закрепнувајќи го најголемиот дел од нивните рекордни загуби од претходниот ден и навестувајќи го регионалниот раст.
Еден од најголемите добитници беше производителот на соја сос Kikkoman Corporation, чии акции пораснаа приближно 21 отсто, откако загубија речиси 17 отсто претходниот ден.
Фјучерсите на S&P 500 отскокнаа во тргувањето преку ноќ, обезбедувајќи одредено потенцијално олеснување по бруталната трговска сесија во понеделникот, кога индексот изгуби неверојатни 1,3 трилиони долари во вредност, според CNN.