Изјавата на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, дека ќе ја напушти министерската позиција доколку Владата во блиска иднина одлучи да ги намали платите на функционерите кои неодамна скокнаа за неверојатни 78%, предизвика различни реакции во јавноста.
Додека некои граѓани изразија разбирање за нејзината позиција, други се чувствуваат разочарани од ставот што го зазема министерката.
„Секој работи напорно, и не е фер функционерите да имаат привилегии кои ги нема и обичниот граѓанин“, искоментира Марија, медицинска сестра од Скопје.
Ако тие навистина сакаат да му служат на народот, додаде таа, тогаш треба да бидат пример за одговорност и за скромност.
Од друга страна, Жарко е инженер од Битола и тој смета дека „министрите се изложени на голем притисок и одговорност, и нивната плата треба да биде сразмерна со нивната улога“.
Тој истакна дека намалувањето на платите не е решение, туку подобрување на ефикасноста и транспарентноста во управувањето со јавните средства.
Инаку, министерката Димитриеска-Кочоска јасно им укажа на новинарите дека ќе даде оставка уште првиот ден кога ќе ѝ биде намалена платата.
Како што рече, во моментов добива 115.000 денари плата, а повеќе заработувала во приватниот сектор пред да стане министерка.
„Не знам што ќе правиме, но ако планираат да ги намалат платите, јас заминувам. Еве, платата на министер е 115.000 денари. Јас приватно работев и повеќе заработував. Сега и во сабота и во недела сум на работа. И немав земено пари за прекувремено“, изјави министерката за финансии.
Дебатата се вжештува во време кога земјата се соочува со економски предизвици и кога секоја одлука на Владата е под лупа.
Дали намалувањето на функционерските плати е вистинскиот чекор кон фискална одговорност, или е само популистички потег кој нема да донесе вистинска промена, останува да се види.
Но, едно е сигурно – ова прашање предизвика жестоки реакции и дискусии меѓу граѓаните на сите нивоа.
Б.З.М.