Стопанска банка АД Скопје имаше уште еден успешен почеток на годината, капитализирајќи ги развојните можности втемелени врз здравата и солидна основа на Банката, видно од сите клучни индикатори.
Добивката пред оданочување и исправка на вредност за периодот 01.01-30.06.2024 изнесува 2.743.466 илјади денари, што е 18% повеќе споредено со претходната година. Согласно стратегијата на Групацијата и Банката како нејзин дел за одржување висок квалитет на активата и ниска стапка на нефункционални побарувања, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 761.437 илјади денари, што е повеќе за 16% споредено со минатата година, која, покрај исправка за нефункционалните побарувања, вклучува и дел за покривање на ризиците и на редовното портфолио, како превентива од неочекувани движења.
Со тоа, добивката на Банката пред оданочување во првото полугодие од годината изнесува 1.982.029 илјади денари. Наведениот резултат е последица како на органскиот раст на активата така и на успешното раководење на бизнис-линиите во рамките на утврдената рамка на прифатлив апетит за ризик.
Во натамошниот текст ќе бидат претставени одделните позиции од билансот на успех и од билансот на состојба на Банката.
Биланс на успех
Нето-приходите од камати изнесуваат 3.102.745 илјади денари и се зголемени за 18% во однос на истиот период од минатата година, резултат во кој најголемо учество имаат каматните приходи од кредитни активности и каматните приходи од позициите за ликвидност (меѓубанкарски пласмани, депозити и вложувања во хартии од вредност), кои забележаа пораст како резултат на зголемената ликвидност на Банката која произлегува од депозитите.
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 428.151 илјади денари и се приближно на исто ниво во однос на истиот период од минатата година.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 78.631 илјади денари и се исто така непроменети споредено со истиот период од минатата година.
Останатите приходи од дејноста изнесуваат 242.562 илјади денари.
И покрај сè уште присутните инфлаторни притисоци и ценовни флуктуации, Банката продолжува со оперативна ефикасност во однос на контролата на трошоците од работењето. Притоа, останатите расходи од дејноста и трошоците за вработени изнесуваат 508.225 илјади денари и 562.285 илјади денари, респективно и се за 11% повисоки во однос на истиот период од претходната година.
Одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио и управување со кредитниот ризик е во приоритетните цели на Банката. Оттука, заклучно со крајот на првото полугодие од 2024 година, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 761.437 илјади денари.
Како резултат на сето наведено, остварената добивка пред оданочување и исправка на вредност изнесува 2.743.466 илјади денари, додека добивката пред оданочување на 30.06.2024 година изнесува 1.982.029 илјади денари и е за 19% повисока во однос на истиот период минатата година.
Биланс на состојба
Вкупната актива на Банката во анализираниот период изнесува 134.149.001 илјади денари, односно е повисока во однос со крајот на годината за 2% или 2.786.076 илјади денари.
Паричните средства и парични еквиваленти споредени со крајот на 2023 година се пониски за 1.390.814 илјади денари, како резултат на пренасочување на овие средства во вложувања во хартии од вредност.
Кредитите на и побарувања од други комитенти нето изнесуваат 93.119.712 илјади денари и се поголеми за 1%, односно за 812.628 илјади денари во однос на 31.12.2023 г.
Кредитите на и побарувањата од банки изнесуваат 388.702 илјади денари и бележат зголемување за 19% споредено со крајот на минатата година.
Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 14.363.728 илјади денари и забележаа зголемување од 26% споредено со крајот на минатата година, како што беше споменато, поради поголемиот пораст на депозитни од кредитни активности, пред сè во делот на депозити на населението.
Останатите побарувања изнесуваат 1.676.056 илјади денари, што претставува зголемување од 22% во однос на крајот на 2023 година.
Вкупните депозити на други комитенти изнесуваат 101.281.021 илјади денари.
Капиталот и резервите изнесуваат 27.489.544 илјади денари, што претставува зголемување за 7% во однос на крајот на 2023 година. Дополнително, Банката пренамени износ од 2.460.000 илјади денари од задржаната добивка од претходни години во добивка ограничена за распределба на акционерите во иднина, со што се зголемија сопствените средства и стапката на адекватност на капиталот, која изнесува 19%. Согласно Одлука за распределба на добивката за 2023 година, донесена од Собранието на акционери на 31.05.2024 година, добивката од претходната година се распредели во задржаната добивка расположлива за распределба во иднина во износ од 2.569.600 илјади денари и задржана добивка за инвестиции во износ од 900.000 илјади денари. И понатаму Банката е посветена да остварува добивка која ќе биде генератор на капиталот, кој се очекува и натаму да се зголемува покрај порастот на активностите и како резултат на регулаторните барања поставени од страна на централната банка.
Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постојки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Недвижностите и опремата изнесуваат 955.530 илјади денари и бележат зголемување за 3% споредено со крајот на минатата година.
Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Обврските по кредити изнесуваат 2.492.784 илјади денари и во однос на крајот на 2023 година се намалени за 9%.
Очекувања за претстојниот период
Економските фундаменти се движат во позитивна насока, со намалување на инфлацијата, невработеноста, зголемување на стапката на пораст на бруто-домашниот производ, кои ветуваат позитивен амбиент за економските субјекти. Во иста насока е и проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд, кој предвидува закрепнување на домашната економија и зајакнување на растот во 2024 година, поттикнат од планираните јавни инвестиции, особено од започнувањето на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, како и постепено намалување на инфлацијата. Девизните резерви се одржуваат на солидно ниво, со обезбедување на 4-6 месеци покриеност на увозот. Банкарскиот сектор е ликвиден, добро капитализиран, профитабилен, при што нефункционалните кредити се стабилни и се на историски најниско ниво.
Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности во согласност со дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување висока стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата и трансформацијата за подобра услуга кон клиентите, поефикасно интерно работење и оптимизација на процесите, понуда на нови услуги и зајакнување на конкурентската позиција на пазарот. Секако, фокусот останува на редовното и ефикасно извршување на основните деловни активности, одржување на лидерското пазарно учество од околу 27% во сегментот на кредитирање на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите.
Оваа година Стопанска банка прославува 80 години од основањето и следствено целиот натамошен период ќе биде исполнет со многубројни новитети и изненадувања на задоволство на нашите клиенти и соработници, но и на пошироката заедница.
Стопанска Банка е позната по поддршката што ја дава низ многу проекти и настани во општеството, здравството, социјалната и животната средина, кои не само што ќе продолжат туку и ќе се интензивираат за подобрување на животната средина, инклузијата и создавањето подобар свет за сите.
Известување за промени во сметководствените политики и методи на вреднување
Во анализираниот период од 2024 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.
Исплатени дивиденди
Во анализираниот период Банката исплати дивиденда на имателите на приоритетни акции во вкупен износ од 1.364.664,00 денари или бруто-износ од 6 денари по акција, која се реализираше во текот на јуни 2024 година. Право на дивиденда остварија сите акционери што се стекнале со приоритетни акции до 17.06.2024 година (датум на пресек во акционерската книга), односно последен ден на тргување со право на дивиденда беше 13.06.2024 година.
Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.