„Реплек АД“ во целост го реализираше предвидениот план за продажба во првата половина од 2024 година, забележувајќи раст на остварените приходи од продажба во сегментот „Фармација“ од 20,5% во однос на истиот период минатата година. Истовремено, компанијата успешно продолжува да го реализира бизнис планот за 2024 година и во останатите сегменти, вклучувајќи ги инвестициите во зголемување на производствените капацитети, дигитализацијата и преземање на права за застапништво, како и во зголемување на задоволството и мотивацијата на вработените, што ќе придонесе за натамошен континуиран напредок и успех на компанијата.
Вкупните оперативни приходи на „Реплек АД“ во првото полугодие од 2024 година надминаа 865 милиони денари и се за 20% повисоки во однос на истиот период од претходната година, покажуваат податоците од објавениот неревидиран консолидиран финансиски извештај за работењето на компанијата за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2024. Најголемо учество во вкупните приходи имаат приходите остварени од продажбата во сегментот „Фармација“ (13,6 милиони евра), каде е забележан скок во продажбата на домашниот пазар од 46% (2,97 милиони евра) и раст на продажбата на странските пазари од 15%, достигнувајќи вредност од 10,6 милиони евра. Ваквите резултати во продажбата во првото полугодие од оваа година генерираа и раст во консолидираната оперативна добивка, која во овој период е зголемена за 4 % во однос на лани. Истовремено, вкупните инвестиции на Реплек АД, реализирани во првите шест месеци од оваа година, достигнаа вредност од 5,6 милиони евра, што претставува значително зголемување во однос на истиот период минатата година и претставува показател за посветеноста во реализацијата на амбициозниот нов инвестициски циклус на компанијата со кој се предвидува нејзина целосна модернизација.

