11 декември, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПрофитот на „LG Energy“ ги разочара пазарите

Профитот на „LG Energy“ ги разочара пазарите

„LG Energy Solutions Ltd.“ ја намали својата годишна цел на продажба, откако профитот во вториот квартал ги пропушти проценките на аналитичарите поради борбите на јужнокорејскиот производител на батерии со забавувањето на побарувачката за електрични возила, пишува „Bloomberg“.

Продажбата ќе падне за најмалку 20% оваа година во споредба со резултатот од 2023-та година, предупреди компанијата со седиште во Сеул, значително прилагодувајќи ја претходната прогноза за раст од околу 5%.

Голем дел од падот ќе се случи поради намалувањето на стимулациите што ги добива „LG Energy“ за производство на батерии во САД.

Севкупно, компанијата пријави нето загуба од 23,7 милијарди вони (17 милиони долари) за трите месеци до 30-ти јуни, во споредба со прогнозите на аналитичарите за профит од 13 милијарди вони, според анкетата на „Bloomberg“.

Приходите и оперативната добивка беа во согласност со прелиминарните резултати на „LG“ објавени претходно овој месец.

Производителите на автомобили, во меѓувреме, ги намалуваат своите амбиции да ги електрифицираат своите производни линии, бидејќи побарувачката за електрични возила се намалува, што доведува до пониски нивоа на нарачки на батерии. Во средата, „Tesla Inc.“ објави уште еден разочарувачки квартал од добивката и потврди доцнење во развојот на своите роботски такси. Претходно, „Porsche AG“ отстапи од својата цел за 80% удел на електрични возила од вкупната продажба на марката, и извршниот директор на „General Motors Co.“, Мари Бара ја прилагодува програмата за електрични возила на нејзината компанија.

„LG Energy“ забележува дека производителите на автомобили се враќаат на своите планови за продажба на модели со мотори со внатрешно согорување, особено хибриди.

„Пазарот на ЕВ забавува повеќе отколку што очекувавме“, им рече на аналитичарите главниот финансиски директор на „LG Energy“, Ли Џонг-сил.

„Производителите на автомобили го прилагодуваат темпото на електрификација и се фокусираат на хибридите на краток рок“, додава тој.

Ли нагласи дека неговата компанија ќе се погрижи да ги исполни целите за капитални трошоци само во области кои се апсолутно неопходни.

„LG Energy“, исто така, ја намали својата перспектива за растот на производството на ЕВ во САД оваа година на околу 20 отсто од 35 отсто во претходната прогноза, и ја намали проценката за растот на европското производство на ЕВ на околу 15 отсто од 25 отсто претходно.

За да се минимизира влијанието на забавувањето на побарувачката за електрични модели, компанијата се обидува да продава батерии за други апликации, како што се системи за складирање енергија. Во вторникот, „LG Energy“ соопшти дека можеби ќе започне со изградба на такви системи во својата фабрика во Полска поради послабата побарувачка за електрични автомобили на континентот.

Производителот на батерии, исто така, ја наведе растечката политичка несигурност пред претседателските избори во САД, при што Доналд Трамп се закани дека ќе ја повлече политиката на Џо Бајден за про-електрични возила.

„Доколку некој недемократ победи на изборите, побарувачката за електрични автомобили веројатно ќе ослаби“, рече главниот директор за стратегија Чан Бјо-кан.

„Но, потегот за ограничување на пристапот на Кина до САД е двопартиски, така што ќе биде корисен за нас во однос на конкуренцијата со кинеските ривали во САД“, додава тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП