„Logitech International“ ја зголеми својата прогноза за годината откако компанијата се справи со падот на продажбата по пандемијата и објави втор последователен квартал на раст на приходите, пишува „Bloomberg“.
Швајцарскиот производител на хардвер сега очекува неговите приходи од продажба да се зголемат за 1 до 3 отсто во 2024-та година, во однос на претходната прогноза за рамни приходи или максимален пораст од 2 отсто. Во првиот квартал приходите од продажба се зголемија за 12 отсто на 4,34 милијарди долари, објави компанијата. Акциите на „Logitech“ поскапеа за 4,9% во утринското тргување во Цирих.
Гигантот се врати на раст по бумот што го доживеа за време на пандемијата, кога клиентите се подготвуваа за работа од дома, а што беше проследено со остар пад на продажбата.
Сепак, сегашниот успех е засенет од тековниот спор меѓу компанијата и нејзиниот ко-основач Даниел Борел, кој сега е малцински акционер.
Борел ја принуди компанијата да гласа за нов претседавач на следното собрание на акционери на 4-ти септември. Во меѓувреме, „Logitech“ е во потрага по постојан главен финансиски директор откако Чак Бојнтон се повлече претходно оваа година.
Компанијата забележа раст во својот бизнис фокусиран на претпријатијата, како и во категориите фокусирани на потрошувачите, како што е опремата за игри.