17 април, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАКучињата касаат, отплаќањето отштета си врви

Кучињата касаат, отплаќањето отштета си врви

Во последните неколку години, граѓаните на Скопје се соочуваат со зголемен број на инциденти со агресивни бездомни кучиња, на улиците, парковите, плоштадите…

Според извештаите, многумина од нив завршиле со сериозни повреди, а Град Скопје се нашол во ситуација да исплаќа отштети кои достигнуваат и до 1.000 евра по случај.

Оваа ситуација го става прашањето за управувањето со бездомните животни во центарот на вниманието, со барања за трајно решение на проблемот.

Еден скопјанец, кој пред неколку месеци бил каснат од куче-скитник на плоштадот „Македонија“, сподели дека по долгата и мачна процедура, конечно му биле признати правата за отштета.

„Се чувствувам среќно што ќе добијам отштета од 30.000 денари, но сепак, сметам дека градските власти треба да преземат посериозни чекори за решавање на овој проблем, а не само да плаќаат отштети“, изјави тој.

Додека некои граѓани се задоволни со исплатата, други се прашуваат дали ова е одржливо решение.
Со оглед на тоа што бројот на каснати лица не опаѓа, а сумите за отштети растат, се поставува прашањето дали не е подобро да се инвестираат овие средства во превентивни мерки.

Аналитичарите предупредуваат дека доколку не се преземат конкретни акции за контрола на популацијата на бездомни кучиња, проблемот би можел уште повеќе да се заостри.

Предлагаат воспоставување на систематски програми за стерилизација, образовни кампањи за одговорно сопствеништво на домашни миленици, и подобрување на условите во прифатилиштата за животни.

Град Скопје сè уште не е излезен со официјален план за решавање на овој проблем, но граѓаните се надеваат дека набргу ќе се преземат мерки кои ќе го намалат ризикот од вакви инциденти и ќе обезбедат безбеден град за сите.

За сега, исплатите на отштети се чинат како привремено решение, кое не го адресира коренот на проблемот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП