17 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали приватниот сектор и владата може да бидат успешен бизнис партнер?

Дали приватниот сектор и владата може да бидат успешен бизнис партнер?

Соработката помеѓу приватниот сектор и државата е ставена на сериозен тест. Владата најави милионски суми поддршка за стопанството, а најголемото бизнис здружение очекува финансиска помош и намалена бирократија за стабилизирање на економијата во Македонија. Од Стопанската комора велат дека со години наназад се обидуваат да добијат сериозен партнер на јавниот сектор, но додаваат дека очигледно е, барем досега, јавниот сектор не го прифаќа тоа партнерство како што треба. Сега шанса се дава и на оваа влада.

Новата влада треба да верува и да работи на партнерство со приватниот сектор, да вложува во него и за возврат да бара отварање на нови работни места и нови инвестиции во приватниот сектор. Бизнисот е дециден дека тој предизвик го прифаќа и велат дека се подготвени да потпишат стратешки документ.

„Никогаш досега не сме биле, како сега, подготвени за ваков озбилен договор. Започнавме во 2018 година со градење на концептот Комора на иднината. Во 2019 година донесовме стратегија за нејзина реализација. Во 2020 година кадровски се зајакнавме и внатрешно и надворешно. На 100 годишнината во 2022 година, јасно порачавме дека во наредните 10 години бизнисот да биде приоритет, а државата да почне да функционира нормално. Овие наши стратегиски определби најдоа своја рефлексија во Програмата за работа на Владата, која најави дека ќе се залага за стабилни финансии, намалување на сивата економија и поголема наплата на финансиски средства за државниот буџет, со цел задржување на ниски даноци и вртење кон инвестициите. Во инфраструктурата и енергетскиот сектор, зголемување на квалитетот на јавните услуги и инклузивен процес на регулаторни алатки, во области значајни за бизнисот“, велат од Стопанската комора.

Од комората велат дека првиот приоритет на Владата треба да биде обезбедување вклученост на бизнисот во процесот на планирањето на економските политики. Вториот е Комората да биде дел од Програмата за инвестиции, во која на систематски начин ќе се претстават проектите, изворите на средства и динамиката на нивно спроведување. Како нов предлог на бизнисмените е да не се пуштаат контроли и неселективно спроведување на истите, што значи Комората инсистира на неселективен пристап во работењето на инспекциските служби.

Од владата веќе соопштија дека дел од парите кои се обезбедија од унгарската влада ќе бидат за поддршка на македонското стопанство. Најавата е дека оваа влада ќе биде вистински партнер на приватниот сектор. Од 500те милиони евра дел ќе бидат наменети и за општините кои ќе понудат проекти кои ќе бидат во корист на граѓаните и подобрување на квалитетот на живот. За нивна реализација секако ќе бидат ангажирани домашни компании кои ќе видат бенефит од целиот проект на владата.

„250 милиони евра се за бизнисот и за фирмите и велиме еве 250 милиони евра за бизнисот и за фирмите бидејќи условите што тие ги имаат на пазарот се најмалку двапати полоши. 6, 6,5 – 7 % камата, без грејс период, пократок период на отплата. Практично денеска е доведен така системот во бизнисот да добива кредит само оној на кој не му треба. На оној што не му треба кредит, тој добива, а на оној што му треба, не може да добие бидејќи од сертификат за раѓање, па до последно му бараат, за жал, кога ќе поднесе барање за кредит. Еве ние велиме, еве поддршка од нас е ова како држава, како Влада, веднаш на почеток. Која е вашата обврска? Вашата обврска како бизнис е барем уште толку да имате средства, кои на овие 250 милиони вие ќе ги инвестирате, а тоа се половина милијарда инвестиции, да обезбедите годишно најмалку пет илјади нововработени и да обезбедите раст на вашето производство 5 % над стапката на инфлација. Ова се условите, таа е обврската што ќе ја бараме од бизнисот“, велат од Владата.

На неколку пати бизнисот во предизборието најави дека идната влада мора да биде партнер на бизнисот. Стопанската комора пред изборите оствари средби со сите политички партии кои претендираа да бидат власт. Сега повторно им се обратија на политичарите и им порачаа дека обврската е кај нив да помогнат на бизнисот а пак тие ќе мора да си ја завршат работата и да испорачаат повисок економски раст на земјава, а тоа би овозможило подобара ликвидност на компаниите, а со тоа и подобар живот на граѓаните.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП