Потребна е поголема мобилизација на финансиски средства, особено од приватниот сектор, за зелена трансформација, како дел од структурните реформи и за конвергенција на економиите во развој кон ЕУ. Анализите на ММФ покажуваат дека до 2030 година, уделот на приватниот сектор во зеленото финансирање треба да се зголеми од 40% на 80 до 90% кај брзорастечките и економиите во развој. Улогата на централните банки во поддршката на зелената трансформација станува сѐ поизразена во изминатите пет години, вклучително и на Народната банка, којашто ова прашање го разгледува на системски начин поставувајќи го во рамките на своите стратегиски цели. Ова го порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во својата дискусија на Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, на која ѝ припаѓа нашата земја, којшто се одржува во Кишињев, Молдавија. На состанокот на Конституенцата учествуваше и вицегувернерката Емилија Нацевска.
Гувернерката зборуваше на панел-дискусијата на тема „Зошто е важна мобилизацијата на приватниот капитал“, којашто ја отвори главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ивајло Изворски, со свое излагање. Таа се осврна на доходовниот јаз помеѓу нашата и земјите од регионот со економиите во ЕУ, којшто сѐ уште е длабок, како и на ефектите од мобилизацијата на приватниот капитал за остварување на потребните структурни реформи во економиите, особено зелената трансформација. „Јазот за финансирање на зелените инвестиции е особено голем кај земјите во развој, во нашиот случај се проценува дека е околу 7,7% од БДП. Имајќи предвид дека јавните ресурси се ограничени, особено по скорешните кризи, при зголемена цена на капиталот, потребна е мешавина од повеќе политики за негово надминување. “, посочува Ангеловска-Бежоска.

