Американската технолошка корпорација Apple ги предупреди корисниците на iPhone во 98 земји во светот за можни напади од шпионски софтвер.
„Apple откри дека сте потенцијална цел на шпионски софтвер кој се обидува од далечина да го компромитира iPhone поврзан со вашата сметка на Apple ID“, се вели во пораката до некои клиенти.
Во пораката понатаму се наведува дека софтверот ги таргетира корисниците според посебни критериуми поради нивните лични или професионални активности, пренесува Tech Crunch.
„Апсолутна безбедност при откривање на овие напади не е можна, но Apple е уверен во оваа проценка и ве советува сериозно да го сфатите предупредувањето“, се додава во соопштението.
Компанијата соопшти дека не може да открие детали за нападот бидејќи во иднина може да биде искористен од други напаѓачи, па не е познато во кои земји е испратено предупредувањето.
Apple претходно издаде слично предупредување во април за корисници од 92 земји.
Почнувајќи од 2021 година, компанијата од Купертино редовно испраќа безбедносни предупредувања до корисниците и досега им се обратила на клиентите во 150 земји низ светот.