Италија бара од Google да подмири даночен долг од милијарди евра и казни, изјавија во петокот три извори, што укажува дека новиот спор против американскиот дигитален гигант се заснова на дигиталната инфраструктура.
Јавното обвинителство во Милано тврди дека Google не плаќал данок на доход во своето италијанско работење, велат изворите, додавајќи дека висината на даночниот долг и казните го опфаќа периодот од 2018 до 2022 година.
Истрагата беше покрената во декември 2022 година, со истото обвинение како и неколку години претходно.
Google во 2017 година на италијанските даночни власти им платил 306 милиони евра даночен долг, бидејќи врз основа на бројот на вработени било утврдено дека е регистриран во Италија.
Сегашното обвинение се заснова на дигиталната инфраструктура на Google во Италија, која му овозможува да работи и да генерира приходи, објаснуваат изворите.
Дигиталната инфраструктура беше и основата на спорот меѓу италијанските даночни власти и Netflix, кој неодамна беше решен.
Според извори, Даночната управа покренала постапка против Google која може да заврши со спогодба или тужба.
Од Google нагласуваат дека соработуваат со италијанските власти.
„Ние ги почитуваме даночните прописи во сите земји каде што работиме, вклучително и Италија“, рече портпаролот на Google во изјавата, одговарајќи на барањето на Ројтерс за тужбата.
„Соработуваме со властите“, додаде тој.
Два извори забележуваат дека доколку италијанските власти се договорат со Google, сите идни истраги против мултинационални компании ќе ги засноваат на дигитална инфраструктура.