29 јуни, 2024
ПочетнаАВТОБИЗНовиот „BMW M5“ ќе ве остави без зборови со своите 727 „коњи“...

Новиот „BMW M5“ ќе ве остави без зборови со своите 727 „коњи“ (ФОТО/ВИДЕО)

По претставувањето на новата петка на „BMW“, пред нешто повеќе од една година, со нетрпение се очекуваше неговата спортска верзија и круна на овој модел.

На чекањето му дојде крајот и пред нас е сосема новиот „M5“ кој доби „plug-in“ хибриден погон. Со оглед на тоа што со ваков тип на погон се зголеми и тежината и тоа на цели 2,5 тони, се поставува прашањето како оваа тежина ќе влијае на возни карактеристики на „М5“, особено во кривините?

Да почнеме со погонскиот систем. Тоа е веќе познатата комбинација на 4,4-литарски битурбо V8 мотор и електричен мотор од „BMW XM“. Во случајот на новиот „M5“, моторот со внатрешно согорување произведува 585 ks, а електромоторот придонесува со 197 „коњи“, давајќи комбинирана моќност од 727 ks и 1.000 Nm вртежен момент.

Од друга страна, новиот „М5“ е речиси 500 килограми потежок од претходната верзија. Ова може да се објасни со фактот дека еколошките прописи се толку строги што (само) бензинецот на „М5“ би бил премногу слаб, а со хибриден погон масата значително се зголемува.

И покрај ова, „M5“ забрзува од 0-100 km/h за само 3,5 секунди. Максималната брзина е електронски ограничена на 250 km/h, а по желба границата може да се подигне на 305 km/h. Сепак, поради неговата огромна маса, новиот „BMW M5“ има нешто послаби перформанси од неговиот претходник.

Силата се испраќа на сите четири тркала преку 8-брзински автоматски менувач. Спортскиот режим 4WD овозможува погонот да биде повеќе ориентиран кон задната оска. Постои и опција за погон 2WD, кога силата се пренесува само на задните тркала, па задоволството за оние кои уживаат во дрифтот е загарантирано.

Главен виновник за дополнителната тежина е батеријата со капацитет од 18,6 kWh сместена во подот на возилото. Електричниот опсег е максимум 70 km.

Адаптивна „М“ шасија и, за прв пат во „M5“, управување со задни тркала со агол на управување до 1,5 степени се стандардна опрема.

Суспензијата е значително подобрена во споредба со својот претходник, тврдат од „BMW“, а трагата на тркалата е продолжена. Сето ова очигледно ќе биде насочено кон маскирање на масивната маса на овој автомобил.

Се очекуваат промени во надворешниот дизајн во однос на обичната „Series 5“, со нов браник, заден дел со четири издувни цевки и дискретен спојлер.

Волуменот на багажникот е 466 литри, должината на возилото е 509 см, додека ширината е 197 см. Овие, не толку одамна, беа димензиите на „Series 7“.

Во споредба со стандардната „петка“, автомобилот е 78 mm поширок напред и 45 mm назад.

Производството на новиот „М5“ ќе започне во јули во фабриката Динголфинг, а автомобилот во салоните ќе пристигне во ноември 2024-та година.

Во средината на август ќе биде претставен „M5 Touring“ (кавагон). Цените во Германија почнуваат од 144.000 евра за лимузината „М5“, додека караванот ќе биде поскап за само 2.000 евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП