„Allianz Global Investors“ (AGI), инвестициската група на германскиот осигурителен гигант „Allianz“, доби зелено светло за купување на удел во кинескиот пензиски гигант „Guomin Pension“.
„AGI“ доби дозвола да ги купи акциите на „Guomin Pension“, кои претставуваат два отсто од сопственичкиот удел, во вредност од 228 милиони јуани (31,40 милиони долари), се вели во соопштението на пензиското друштво во понеделникот.
Тоа значи дека „Allianz“ ќе стане првата странска компанија со сопственички удел во „Guomin Pension“.
Основниот капитал на пензискиот фонд ќе се зголеми на 11,4 милијарди јуани со инвестицијата на „AGI“ и ќе обезбеди врвна позиција во секторот за управување со средства во Кина.
Водечките кинески банки и осигурителни компании ја основаа „Guomin Pension“ во 2022-ра година како дел од планираниот развој на секторот за приватно пензиско осигурување.
Со години, глобалните финансиски компании се обидуваат да влезат на кинескиот пазар на приватно пензиско осигурување во потрага по профитабилни можности што треба да ги обезбеди стареењето на кинеското население и развојот на приватни иницијативи.
Пред два месеци „Allianz“ доби дозвола од кинеските регулатори да основа инвестициски фонд каде ќе биде единствен сопственик. Негови клиенти треба да бидат мали и институционални инвеститори, а можеби и пензионери, забележува „Reuters“.