27 јуни, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЖивотот на еден скопски таксист – стресови, стравови, убави моменти

Животот на еден скопски таксист – стресови, стравови, убави моменти

Бранко Георгиевски, 52-годишен таксист, секој ден се вози низ булеварите и  уличките на Скопје. Со 30 години искуство во оваа професија, тој е колекционер на многу приказни и предизвици.

За Бранко, работата на таксист не е само начин за заработка, туку и начин на живот. Како што вели, не би можел да се замисли во поинакво светло, на поинаква работна позиција.

Во своето 30-годишно работно искуство како таксист, тој ја знае секоја уличка во главниот град. Го знае секое камче на Скопје.

Бранко признава дека работата на таксист може да биде стресна, а превезувањето на алкохолизирани и агресивни лица е дел од неговата секојдневна рутина.

„Има моменти кога се чувствувам нервозен и напнат, а некогаш и загрозен. Признавам, неколку пати во мојот живот сум стравувал за сопствениот живот. Сум доживеал многу опасни ситуации и многу опасни луѓе се имаат возено зад мојот грб. Но, исто така, има и пријатни моменти. Кога разговараш со патниците, дознаваш многу интересни приказни”, раскажува нашиот соговорник.

Во поглед на исплатливоста од оваа професија, за да заработи чисти 1.000 денари во денот, Бранко вели дека треба да извози многу километри.

Неговата работна смена започнува рано наутро и завршува доцна навечер.

„Не е лесно. Но, секој километар е дел од мојата искуство и приказна. Секое утро излегувам во 7 часот и возам до 12 часот. Потоа одам дома да се одморам и да ручам, а вечерта околу 19 часот повторно излегувам да работам. Имам и редовни клиенти кои го имаат мојот телефонски број и кои сакаат само со мене да се возат. Многу патници треба да качам во денот за да заработам чисти 1.000 денари. Оти, знаете, автомобилот не оди на вода, па морам да ставам гориво. Потоа, треба да ги платам давачките кон компанијата што ми ја дава работата како таксист. А да не зборувам за дефектите и сервисите за возилото, како и за казните од полицијата“, објаснува таксистот.

Минатата година со такси превезени се 14 341 000 патници, од кои
12 749 000 во градскиот превоз, а во меѓуградскиот 1 592 000 патници, објави Државниот завод за статистика (ДЗС). 

Со 1 556 патнички автомобили опфатени во истражувањето се изминати вкупно 55 793 000 километри, од кои 47 487 000 во градскиот превоз, додека во меѓуградскиот превоз се остварени 8 306 000 километри.

Податоците за такси-превозот се добиени од 227 извештајни единици.

ДЗС споделува податоци и за потрошувачката на гориво: 184 тони бензин, 2.752 тони дизел и на 2.239 тони автогас.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП