27 јуни, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЌе се реши ли хаосот околу Универзална Сала во Скопје

Ќе се реши ли хаосот околу Универзална Сала во Скопје

Улица „Костурски херои“ во населбата Буњаковец во Општина Центар, во делот каде што се вози двонасочно помеѓу Универзална сала и сендвичарницата „Пласет Донер“ наликува на непроодно прометно место од Бит Пазар.

Како што пишува порталот Фактор, локалните жители, кои со години се засегнати од метежот што се создава на оваа улица, го губат трпението и бараат од градоначалникот на општината Горан Герасимовски да преземе мерки против узурпацијата на просторот што ја прават кафулињата, меѓу кои најмногу се издвојува „Че“, и паркираните автомобили и велосипеди. Тротоари има, но практично се нефункционални за минувачите. Згора на се, тука е такси-станицата, поради што никој не може слободно да се движи низ просторот. На се ова се придодава и гласната музика која го нарушува одморот во слободното време.

– Крошните на липите се неискастрени и мораме да се наведнуваме за да поминеме на тротоарите. Да не зборуваме за масите и паркираните велосипеди со кои доаѓаат гостите на локалните кафулиња. Тука секако е и сендвичарницата, која го одложува сметот од дневниот промет каде што ќе се најде место, а да не зборуваме за неподносливата миризба што доаѓа од аспираторот, вели локален жител од самата населба кому сеедно му е дали минува пеш или со своето возило преку „Костурски херои“, бидејќи секојпат ги има истите маки кога се враќа дома или заминува некаде.

Порталот „Фактор“ испрати прашања до Општина Центар дали планира долгорочно да го расчисти урбаниот хаос што владее на „Костурски Херои“, но од таму ни рекоа дека граѓаните слободно може да пријават во соодветните служби доколку се соочат со непријатности, пишува Фактор.

– Секторот за инспекциски работи има надлежност за постапување во однос на кафе баровите и нивната урбана опрема. Во однос на такси возилата надлежност има Град Скопје преку инспекцијата за патишта и патен сообраќај како МВР сообраќајната полиција за неправилно паркираните возила. Доколку има нарушување на мирот со гласна музика или зафаќање на јавна површина со урбана опрема треба да се пријави до Секторот за инспекциски работи на Општина Центар со соодветна претставка, велат од општината.

Градоначалникот Герасимовски е повеќе од две и пол години на функција, а граѓаните на Центар секојдневно го потсетуваат дека треба приоритет да му се основните комунални проблеми, а не комуналиите што ќе ги наплати од новите згради кои секојдневно никнуваат во населбата. Кога веќе нема капитални остварувања, барем да се решат оние за кои треба да се завртат неколку телефонски броеви, пишува Фактор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП