Бизнисот веќе бара да го види деталниот план на потенцијалната влада со кој ќе се атакува на остварување на ветениот раст на БДП.
Од Стопанската комора велат дека кога веќе се исцртуваат контурите на новата влада добро е сега да се знае што ќе биде понудено на бизнисот. Најавите се дека ќе има силна поддршка за домашните компании за да се поттикнат да влезат во нов инвестициски циклус и со тоа да отворат нови работни места и да го спречат иселувањето од земјата. Бизнисмените го потсетија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ како ја фалеше програмата говорејќи дека таа гарантира целосно функционирање на системот, заштита на македонските национални интереси, квалитетно образование како и модерен здравствен систем. Мандатарот пак, Христијан Мицкоски најави дека еден од главните фокуси на новата влада ќе биде токму економијата.
Од Стопакската комора велат дека тоа што победникот на изборите освои речиси 500 илјади гласови, сега има обврска да ги направи конечно неопходните промени и да ги отвори перспективите на државата. Квалитетно образование и модерен здравствен систем. Ова се двата ресори кои мора да бидат на чело на листата на министерствата, а не министерствата за одбрана и за внатрешни работи.
Понатаму, бизнисот смета дека заштита на македонските национални интереси треба да сe спречи иселувањето на младите, заштита на рудното и минерално богатство, окрупнување на земјиштата, мелиорација, искористување на компаративната предност на трансфезалата Србија-Грција што поминува низ нашата држава.
„Увезуваме Непалци и Пакистанци, а не можеме да ги спречиме нашите квалификувани луѓе да не заминат во Западна Европа. Триесет години водиме борба против корупцијата, а корупцијата ни цвета. Од округли маси, панели, конференции и работни групи заборавивме на конкретните мерки како што се оставките, одговорностите, етичките кодекси, моралните вредности итн. Милиони документи кружат низ државата за судири на надлежности малтретирајќи илјадници бизнисмени и граѓани на „смешни функции“ кои на Запад и не постојат и наместо енергична акција даваме препораки и мислења итн. До кога ќе се толерираат апсурдите со десет годишната изградба на автопатот за Охрид, кога само за десет дена ја размонтиравме железничката пруга Кичево –Охрид, која можеше да биде искористена за туристички атракции или за локални потреби“. велат од Стопанската комора.
Од ВМРО ДПМНЕ, поточно мандатарот Христијан Мицкоски рече дека следува еден инвестициски циклус. Тој уверува дека граѓаните треба да очекуваат подобрување на стандардот, и подобрување на бизнис климата.
„Да имаме задоволни земјоделци со загарантиран откуп со повисока откупна цена, субвенции кои што навремено ќе бидат исплатени. Да имаме задоволни припадници на министерството за внатрешни работи, министерството за одбрана. Перцепцијата за криминалот и корупцијата е огромна, граѓаните имаат револт во себе, се чувствуваат небезбедни. Тоа претставува еден од главните мотиви зошто тие ја напуштаат Македонија, покрај сите овие, би рекол, лоши услови за живот, а тоа е перцепцијата за високото ниво на криминал и корупција и тука не мислам само на политичкиот криминал и корупција иако ние како политичари сме одговорни за тоа“, вели мандатарот Христијан Мицкоски.
Од ВМРО -ДПМНЕ велат дека потребен е фер однос и во еден нов приод се со цел подобрување на соработката меѓу јавниот и приватниот сектор. Најголемата бизнис заедница во државата е подготвена за преговори со новата Влада-доколку добие прифатлива понуда, јавно да се обврзе колку нови работни места ќе отвори и колкави инвестиции ќе продуцира во периодот во кој ќе биде поддржана.
И.П