Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека земјата ќе испрати борбени авиони Мираж 2000 во Украина, а Украинците во Франција ќе бидат обучени да управуваат со тие авиони.
„Ќе започнеме нова соработка и ќе објавиме продажба на Мираж 2000-5, француски борбени авиони кои ќе и овозможат на Украина да ја заштити својата земја, својот воздушен простор“, рече Макрон.
Пред средбата со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Макрон изјави и дека Украинците ќе присуствуваат на обука во Франција за управување со овие авиони, која ќе трае пет до шест месеци, почнувајќи од ова лето.
„Не сакаме ескалација на војната“, рече Макрон, додавајќи дека со купувањето на авионите, Киев ќе има капацитет да се брани.
Зеленски се наоѓа во Франција, каде вчера учествуваше на одбележувањето на 80-годишнината од истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија.
Зеленски денеска ќе се сретне со француските производители на одбранбена индустрија, ќе се обрати во францускиот парламент и ќе разговара со францускиот претседател.