Македонскиот спорт ќе добие поддршка во спортска техника и опрема од различни меѓународни спортски федерации со цел што поуспешна организација на Европските младински олимписки игри што треба да се одржат во Скопје во 2025 година. Покрај техниката и опремата, Македонскиот олимписки комитет (МОК) ќе добие и дополнителна финансиска и логистичка поддршка за реализација на амбициозните планови и програми насочени кон остварување успешни резултати на македонските спортисти.
Ова е резултат на работните средби што ги остварија претседателот на МОК, Даниел Димевски и генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски во рамки на 53. Генерално собрание на Европските олимписки комитети (ЕОК) што се одржува во Букурешт, Романија. Димевски и Поповски на ова собрание добија силни ветувања за финансиска и логистичка поддршка од претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах и претседателот на ЕОК, Спирос Капралос.


