23 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСекоја петта пензија наместо од ПИОМ се исплаќа од државниот буџет!

Секоја петта пензија наместо од ПИОМ се исплаќа од државниот буџет!

Дека состојбата со пензискиот фонд е во критична состојба потврда даде и најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. Освен тоа што не се надминати утврдените состојби од страна на ревизорите од претходните неколку години, констатирано е дека и натаму недостасува стручен кадар во институцијата. Тоа што најмногу загрижува од наодите е дека во ПИОМ недостасуваат средства за исплата на социјалните трансфери, па фондот мора да се финансира од страна на Буџетот на државата. И тоа се случува веќе три години по ред. Најновите податоци велат дека во ПИОМ недостасуваат над 33 отсто од потребните приходи.

Најновиот извештај на Државниот завод за ревизија покажува дека и покрај зголемување на приходите по основ на придонеси има недостаток на средства за исплата на расходите за социјални бенефиции. Обработените подагоци се за 2022 година и велат дека во ПИОМ се трансферирани средства од Буџетот на Македонија во висина од 31.022.110 илјади денари. Станува збор за средства кои учествуваат со 33, 5 отсто од вкупните приходи на фондот. Инаку, во последните три години има тенденција на стагнација, односно намалување во однос на 2021 година. Но, над 22 отсто од парите кои се трансферираат на нивната сметка се за покривање на дефициот за исплата на пензии.

Дополнително, ревизијата го истакнува влијанието на неповолната демографска структура на населението во кои беа потврдени со спроведениот попис на населението, како и влијанието на тековните инфлаторни движења со кои е зафатена земјата и светот и нивното влијание врз работењето на Фондот.

„Како резултат на наведеното се очекува и подолгорочно гледано, финансиското работење на Фондот да продолжи да биде оптоварено со тековниот проблем на зголемен дефицит, кој се покрива со трансфери од Буџетот на РСМ. Потребно е Фондот да преземе активности во соработка со надлежните институции за обезбедување на потребните кадровски капацитети за непречено функционирање на единицата за внатрешна ревизија и Секторот за ИТ. Да се преземат активности за развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети преку координирани активности за носење на законски решенија кои ќе придонесат кон намалување на масата на пари за исплата на расходите за социјални бенефиции како и во делот на утврдување на придонесот од ПИО и целосна наплата на истиот како еден од сегментите за стабилизација на пензискиот систем што ќе има влијание на намалување на учеството на трансферите од Буџетот на РСМ во вкупните приходи на Фондот”, стои во извештајот на ДЗР.

И покрај тоа што веќе е констаирано дека постои недостиг на стручен и обучен кадар, наместо тој да се надополнува, се случува спротивното. Во ПИОМ има перманентен одлив на вработени од ИТ секторот и внатрешната ревизија, што влијае на развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети, функционирање на информацискиот систем и ажурноста на сите воспоставени системи и ефективноста на системот за внатрешни контроли. Во однос на наодите од финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност изразено е мислење со резерва во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и има неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Потоа, во објавениот ревизорски извештај ревизорите утврдиле слабости во делот на пописот и евидентирање во деловните книги на постојаните средства добиени по основ затворени стечајни постапки кои не се спроведени и на земјиштето за кое Фондот има сопственост, односно право на користење, како и бришење од сметководствената евиденцијата без одлука на Влада на расходуваните движни ствари. 

„Фондот и понатаму не располага со податоци за вкупно наплатените средства од акции, како и решение за основот за повлекување на средства од сметката од страна на МФ, со што не може да ја потврди точноста и целосноста на наплатените приходи. Постојат слабости при спроведувањето и реализацијата на дел од постапките за јавни набавки на ИТ, тековно одржување и изведување на градежно занатски работи на деловни објекти на Фондот, како и за набавка и плаќање за поставување на фотоволтаичен систем за производство на електрична енергија за кој не е навремено обезбедена документација за сопственоста на објектот и не извршен технички прием. Слабости во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција и недовршен процес на индексирање и дигитализирање на микрофилмови и скенираните документи кои го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИО. Не се надминати состојбите во однос на не распоредени средства на уплатната сметка од наплатен придонес за ПИО кои Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата“, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Алармантни се наодите кои велат дека има континуитет на неосновано повлечени средства од сметката на Фондот од страна на извршителите по основ на налози за извршување, во кои како должници се јавуваат корисници на пензија и преземените активности од страна на Фондот поврзани со реализација на налози за извршување, како и за тоа дека структурата и нивото на остварени приходи во известувачкиот период дефицитот во исплатата на пензиските примања, како и неизвесностите по работењето на Фондот поврзани со инфлаторните движења и неповолните демографски движења. Инаку, вкупните остварени приходи на Фондот во 2022 година изнесуваат 91.410.6541 илјади денари.

„Изворните приходи т.е. приходите од наплатен придонес за ПИО во 2022 година се зголемени за 11,63% во однос на претходната 2021 година и во 2022 година изнесуваат 54.943.420 илјади денари, што претставува учество од 64.54% од вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2022 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година. Имено, расходите за социјални бенефиции (исплата на пензиските примања заедно со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и инвалиднината) во 2022 година изнесуваат 87.607.370 илјади денари за вкупно 335.743 корисници на пензиски примања, односно заклучно со декември 2022 година исплатите се за 9,8% повисоки во однос на 2021 година“, се појаснува во извештајот.

Препораката на ревизорот е Фондот да преземе активности во соработка со надлежните институции за обезбедување на потребните кадровски капацитети за непречено функционирање на единицата за внатрешна ревизија и Секторот за ИТ. Потоа велат дека е потребно да се преземат активности за развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети преку координирани активности за носење на законски решенија кои ќе придонесат кон намалување на масата на пари за исплата на расходите за социјални бенефиции како и во делот на утврдување на придонесот од ПИО и целосна наплата на истиот како еден од сегментите за стабилизација на пензискиот систем што ќе има влијание на намалување на учеството на трансферите од Буџетот на Македонија во вкупните приходи на Фондот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП